Обвинителката Мари-Филип Шарон изјавила дека еден од пожарите што Паре ги подметнал принудил евакуација на околу 400 луѓе во градот Чапаис, Квебек. Најголемиот пожар, за кој Паре се изјаснил за виновен, уништил повеќе од 870 хектари шума
Канаѓанец кој објавувал теории на заговор на социјалните мрежи тврдејќи дека владата намерно подметнува шумски пожари, се изјаснил за виновен за подметнување 14 пожари кои принудиле стотици луѓе да ги напуштат своите домови.
Брајан Паре, кој се појави пред судот во Квебек во понеделникот, се изјасни за виновен за подметнување пожар минатата година помеѓу мај и септември, пишува Си-ен-ен.
Обвинителката Мари-Филип Шарон изјавила дека еден од пожарите што Паре ги подметнал принудил евакуација на околу 400 луѓе во градот Чапаис, Квебек. Најголемиот пожар, за кој Паре се изјаснил за виновен, уништил повеќе од 870 хектари шума.
„Можно е Паре да подметнал уште пожари, но немаме докази за тоа“,
рече обвинителот, пренесе Си-ен-ен.
Ја обвинувал канадската влада дека подметнува пожари
Полицијата, според зборовите на Шарон, почнала да се сомнева во подметнувањето пожари кога за краток период избувнале серија од нив без очигледна шема. Паре го привлекол вниманието на полицијата откако бил забележан во областа каде што избувнале пожарите.
Исто така, полицијата видела дека Паре во повеќе објави на социјалните мрежи ја обвинувал канадската влада дека подметнува пожари за да ги натера луѓето да веруваат во климатските промени.
„Според полициските докази, обвинетиот објавил многу теории на заговор за пожарите и вмешаноста на владата во евентуално подметнување на тие пожари“,
рекла Шарон.
Откако добила дозвола да прикачи уред за следење на неговото возило, полицијата успеала да го следи до местото на други пожари. Кога бил уапсен во септември, Паре признал дека подметнал некои од пожарите.
Минатата година беше рекордна сезона на шумски пожари во Канада
Сезоната на шумски пожари во Канада во 2023 година беше рекордна, а во нив изгореа околу 18,4 милиони хектари шума.
Шумските пожари долго време се во фокусот на теоретичарите на заговор кои тврдат дека се предизвикани од влади, климатски активисти или дури и ласерски зраци од вселената.
Шумските пожари во Канада предизвикаа бран на дезинформации, според извештајот од 2023 година на глобалната коалиција Климатска акција против дезинформации. Тие вклучуваат лажни тврдења дека шумските пожари биле намерно подметнати за да ги исплашат луѓето да ги поддржат климатските акции.
Човечката активност игра улога во предизвикувањето шумски пожари, било намерно или преку случајни дејства како што е фрлање запалена цигара, но се вклучени и природни фактори како што се молњите или сушата.