Украинскиот претседател изјави дека е благодарен за гестот што доаѓа во време на конфликт на Блискиот Исток за кој рече дека го одвратил глобалното внимание од војната во Украина, која сега е во нејзиниот 21. месец и на која не ѝ се гледа крајот
Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон во Киев се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски на своето прво службено патување во странство како нов шеф на дипломатијата, јавија светските агенции.
Покрај преку соопштението на официјалната веб-страница на украинското претседателство, за посетата на Камерон на Киев преку објава на социјалната мрежа Икс (претходно Твитер) информираше и Зеленски, кој објави видео од средбата.
Поранешниот премиер Камерон, кој во понеделникот беше назначен за нов министер за надворешни работи на Велика Британија, во видеото објавено од канцеларијата на Зеленски рече дека со посетата сака да ја нагласи поддршката на Лондон за Украина.
Украинскиот претседател изјави дека е благодарен за гестот што доаѓа во време на конфликт на Блискиот Исток за кој рече дека го одвратил глобалното внимание од војната во Украина, која сега е во нејзиниот 21. месец и на која не ѝ се гледа крајот.
„Светот не е толку фокусиран на ситуацијата на бојното поле во Украина и оваа поделба на фокусот навистина не помага“,
рече Зеленски.
Hosted @David_Cameron on his first visit to Ukraine as Foreign Secretary of the UK.
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) November 16, 2023
We had a good meeting focused on weapons for the frontline, strengthening air defense, and protecting our people and critical infrastructure.
I am grateful to the UK for its support!
🇺🇦🇬🇧 pic.twitter.com/zElLHsSaQT
Инаку, Велика Британија е близок сојузник на Украина во текот на војната што ја започна Русија на 24 февруари 2022 година, потсетува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
„Она што сакам да го кажам со тоа што сум овде е дека ќе продолжиме да ви даваме морална поддршка, дипломатска поддршка… но пред се воена поддршка што ви е потребна не само оваа и следната година, туку онолку долго колку што е потребно “,
вели Камерон на средбата со Зеленски.
Тој додаде дека Обединетото Кралство ќе работи со сојузниците за да се осигури дека фокусот е во Украина.
Инаку, во соопштението на украинското претседателство не е прецизирано кога се воделе разговорите.
Поради засилените безбедносни мерки поради војната, деталите за посетите на странските државници понекогаш не се објавуваат веднаш, туку по одредено време откако ќе се одржат.
Поранешниот британски премиер Дејвид Камерон на функцијата министер за надворешни работи дојде на местото на Џејмс Клеверли кој, пак, се пресели во Министерството за внатрешни работи откако од таа позиција беше разрешена досегашната министерка Суела Браверман.
Од владејачката Конзервативна партија во понеделникот изјавија дека целта на реконструкцијата на владиниот кабинет е британскиот премиер Риши Сунак да го зајакне својот тим за да постигне долгорочни решенија за посветла иднина.
Реконструкцијата на британската влада во понеделникот почна со разрешување на сега веќе поранешната министерка за внатрешни работи Браверман кое следеше по низата критики кои стигнаа на нејзина адреса откако таа во изјава за британски „Тајмс“ кажа дека полицијата била премногу попустлива кон пропалестинските демонстранти за време на протестите за поддршка за Палестинците што се одржуваа во Лондон.
Во контроверзната изјава, министерката рече дека лондонските полициски сили имаат игнорантски однос кон прекршувањето на законот од страна на пропалестинските толпи, а демонстрантите кои повикуваат на прекин на огнот во Појасот Газа ги обвини за омраза.