Камерите на ГП Табановце од српска страна во живо ја пренесуваат сликата од сообраќајниот хаос на влезот во земјава. Голем број на возила неколку часа стојат заглавени во место на ниски температури чекајќи да влезат во Македонија. Од камерите може да се забележи километарската колона, како и нервозни граѓани кои постојано се движат околу автомобилите, не знаејќи кога ќе можат да влезат на македонска страна. Револтираните граѓани кои чекаат неколку часа велат дека ниту еден автомобил не влегол во Македонија веќе три часа и се жалат дека ова се случува на ниски температури без да добијат информација од службите за што точно станува збор.
Како што објавивме претходно, на граничниот премин „Табановце” во тек е акција на Министерството за внатрешни работи и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) што е причина за големиот застој на граничниот премин.
Од Министерството за внатрешни работи за „360 степени” потврдуваат дека во тек е координирана акција, но повеќе детали велат дека ќе соопштат по нејзиното завршување.
“Во тек е акција на припадници на Министерството за внатрешни работи и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција”,
велат од МВР.