Орце Камчев и неговата сопруга Ана Камчева денеска треба да се појават во Кривичниот суд во Скопје како сведоци на Обвинителството за случајот „Рекет“, во кој се обвинети поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и Бојан Јовановски-Боки 13.
Камчев преку својот адвокат Александар Михајловски соопшти дека се приклучува на кривичниот прогон и бара отштета од 1,5 милион евра.
На првото рочиште за „Рекет“, кое се одржа на 3 овој месец, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец беше осуден на три години затвор откако призна вина за случајот и предметот за него беше раздвоен од оној против Јовановски и Јанева.
Милески има право на жалба до Апелацискиот суд само во делот на висината на казната. Во издржувањето на казната е пресметано и времето поминато во притвор и куќен притвор, почнувајќи од 15 јули годинава кога беше уапсен.
На денешното рочиште за „Рекет“ од домашен притвор треба да биде донесена второобвинетата Катица Јанева, а првообвинетиот Бојан Јовановски од КПУ Затвор – Скопје каде што издржува мерка притвор.
Јавната обвинителка Вилма Русковска во воведните зборови на судското рочиште рече дека жртви во овој предмет не се тие на кои им се барале пари, туку жртви се сите граѓани на оваа држава.
Обвинителството, рече Русковска, ќе докаже дека Јанева го направила тоа од алчност и дека свесно ја злоупотребила службената положба, со што ја издала довербата на народот.
„Ќе изнесеме цврсти докази дека Јанева свесно и со умисла на Боки 13 му изнесувала материјали од предистражни постапки кои се службена тајна за да може Боки 13 од обвинетите во тие постапки да бара милионски суми за тие постапки да завршат со спогодба или во најдобар случај како сведоци“, рече Русковска.
Првообвинетиот Бојан Јовановски пред Судот кажа дека пет месеци е цел на јавен линч за монтиран случај наречен „Рекет“. Второобвинетата Јанева, пак, рече дека не се чувствува виновна и дека е горда на СЈО и тимот што го водела четири години.
Случајот „Рекет“ го отвори Јавното обвинителство по пријава на премиерот Зоран Заев.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври годинава поднесе обвинение против Јовановски, Јанева и Милески.
Јовановски е осомничен за перење пари и други приноси од казниво дело, а Милески за примање награда за противзаконито влијание. Второобвинетата Јанева се товари за злоупотреба на службена положба и овластување.
Во рамките на случајот „Рекет“, Обвинителството отвори нова истрага која се однесува на „Меѓународниот сојуз“ на Бојан Јовановски-Боки 13.
Со неа се опфатени пет физички лица и едно правно лице поради постоење основано сомнение за продолжено кривично дело измама и кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело.