Ова е прво појавување на Камчев во јавноста од притворањето
Бизнисменот Орце Камчев, кој денеска беше спроведен од затворот „Скопје“ во Шуто Оризари за да сведочи во предметот „Меѓународен сојуз“, побара да биде изземен како сведок.

„Барам да бидам изземен, затоа што во околности кога од обвинителството и судот грубо се крши законот и ми се одредува притвор, мојот кредибилитет како сведок е нарушен и нема да му бидам од корист на обвинителството“,
рече Камчев и додаде дека веќе не знае кое обвинителство го гони и во кој предмет.
Меѓутоа, обвинителката од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ивана Трајчева, приговараше.
„Сведокот е повикан во врска со околноста за тоа колку е запознаен и дали е запознаен со проектите што требало да бидат реализирани од ‘Меѓународниот сојуз’. Притворот во друг предмет нема никаква врска со неговиот исказ и кредибилитетот. Таа постапка е сосема различна од таа што се води денеска. Ако смета дека му се прекршени права, таму треба да го изнесе тоа“,
рече обвинителката, по што продолжи со испрашување на Камчев.
Камчев е осомничен во случаите „Плацови на Водно“ и „Империја“. Неговото барање да биде изземен од сведочење во „Меѓународен сојуз“ следува откако во неделата тој беше приведен по службена белешка на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) дека подготвува бегство. Обвинителството за организиран криминал и корупција побара, а судот му одреди 30-дневен притвор во предметот за атрактивните парцели на водно.
Во случајот каде тој денеска беше спроведен како сведок, Боки 13 како претседател на „Меѓународниот сојуз“ е првообвинет и се товари за делата измама и перење пари. Заменик-претседателката Јасна Мандиќ-Ерцеговиќ и асистентката на Боки, Христина Блажевска се обвинети за помагање во овие дела, а експратеничката Фросина Ременски се товари за помагање во делото измама. Таткото на Боки, Миле Јовановски, пак, е обвинет за помагање во перењето пари и за делото неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола. Како правно лице обвинета е и невладината организација.