На прашањето зошто премиерот постојано го иницира разрешувањето ако нема законски основ за тоа надвор од Судскиот совет, Камбовски рече: „Очигледно постои некое незадоволство кон одделни членови на Судскиот совет, меѓутоа како што кажав, во оваа држава сите власти мора да дејствуваме согласно закон и Устав“
Членовите на Судскиот совет единствено можат да бидат разрешени од самиот Совет, како што пропишува Законот. Ова е првиот коментар на претседателот на ова тело, Александар Камбовски, по денешната објава на премиерот Христијан Мицкоски на социјалните мрежи, дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет, кој, како што напиша, според негово длабоко убедување „е дел од системот кој останува главно упориште на корупцијата, неправдите и разочарувањата“.

За објавата на Мицкоски, претседателот на Судскиот совет дозна од новинарите, бидејќи таа дојде додека Советот одржуваше редовна седница.
Одговарајќи на новинарските прашања по седницата, Камбовски, повикувајќи се на Законот за Судски совет, го повтори ставот за тоа каде е единственото место каде што можат да бидат разрешени членови на Судскиот совет.
„Во повеќе наврати сум дал изјави, сум дал мислења во поглед на постапка за разрешување на членови на Советот. Единствено место каде што тоа е предвидено е во Законот за Судски совет. Иницијативи може да се поднесуваат до Собранието, секој има право да поднесува иницијативи, но тоа е моето мислење“,
рече Камбовски.
Прашан што доколку ги разрешат, тој рече оти во моментот не сака да шпекулира, додавајќи дека во оваа држава сите три власти треба да работат согласно законите и Уставот.
„Имам и претходно кажано, сите во оваа држава, работиме согласно закон и Устав и немам причина да се сомневам дека и Собранието и Владата работат согласно тие принципи“,
изјави Камбовски.
Претседателот на Судскиот совет рече дека секогаш е отворен за разговор и за соработка со останатите две власти во државата, односно Владата и Собранието, и дека тоа не е заради него, туку заради граѓаните на оваа држава.
Камбовски ова го кажа одговарајќи на прашањето дали по сите прозивки од премиерот би го повикал на разговор за да се договорат и да ја разрешат целата дилема околу разрешувањето на членови на Судскиот совет.
На прашањето зошто премиерот постојано го иницира разрешување, ако нема законски основ за тоа надвор од Судскиот совет, Камбовски рече:
„Очигледно постои некое незадоволство кон одделни членови на Судскиот совет, меѓутоа, како што кажав, во оваа држава сите власти мора да делуваме согласно закон и Устав“.
Со најавата на иницијативата за разрешување на членови на Судскиот совет, Мицкоски во објавата на Фејсбук порача и дека на државата и на граѓаните им е потребна правда.
„А правда може да се добие со длабоки реформи и сериозни промени наспроти досегашните пракси на злоупотреби кои имаат пуштено длабоки корени во системот. Македониjа мора да се бори против своето корумпирано мочуриште кое jа држи заробена и заложник и е причина за неjзино пропаѓање и разочарување кај многу од граѓаните. Затоа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет, кој според мое длабоко убедување е дел од системот кој останува главното упориште на корупцијата, неправдите и разочарувањата. Македониjа мора да победи!“
напиша премиерот во објавата.
За иницијативата која ќе биде поднесена и која се однесува на петтемина членови што се избираат во Собрание, Мицкоски подоцна денеска во изјава за медиумите рече дека не е можно да се направи целосно распуштање, туку да се избере Судски совет кој објективно и без партиски стеги ќе носи одлуки.
„Не можеме да направиме целосно распуштање, ниту, пак, можеме за така кратко време да ги детектираме аномалиите, но можеме да избереме Судски совет кој објективно, без партиски стеги ќе може да го разбистри ова политичко мочуриште и да биде своевиден монитор на тоа како судиите се однесуваат, какви одлуки носат и зошто“,
рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање.

Според премиерот, и покрај тоа што ќе се изгласа интерпелација на членовите, тие може да останат и понатаму да бидат дел од Судскиот совет, но неговите очекувања се дека по изгласувањето недоверба на членовите на Советот тие треба да бидат доблесни и самите да се повлечат.
Во спротивно, додаде тој, има и други механизми и алатки.
На објавата и изјавата на премиерот реагира и лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз, Венко Филипче, кој, исто така во објава на Фејсбук, напиша оти се потребни темелни реформи на правосудството и тоа го очекуваат граѓаните, но реформи кои ќе значат независно и ефикасно судство кое ќе обезбеди правда.
„Не смееме да дозволиме правдата која ја бараат граѓаните да се претвори во нова партизација и окупација преку смена на Судскиот совет од страна на власта“,
вели Филипче.
Судскиот совет е составен од 15 члена, од кои тројца ги избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и со Бадентерово мнозинство, а двајца членови ги предлага претседателот на државата, а изборот го врши законодавниот дом. Еден од овие двајца кандидати мора да биде припадник на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија.
Останатите осум членови ги избираат судиите од своите редови. Членови на Советот по функција се и претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, но тие можат само да присуствуваат и да дискутираат на седниците, но немаат право на глас, односно да учествуваат во одлучувањето.
Собранието, според најавите, ќе расправа за членовите кои ги избира, а од актуелниот состав на Судскиот совет тоа се Селим Адеми, Павлина Црвенковска, Весна Дамева, Миљазим Мустафа и Тања Чачарова-Илиевска.