Јавна расправа во Собранието: Од една страна критика, а од друга поддршка за новиот модел на настава што се подготвува во МОН
Поделени се ставовите на универзитетските професори во однос на новата концепција за наставата во основното образование. Дел од професорите што учествуваа во денешната јавна расправа во Собранието настапија со критики, а дел со поддршка за моделот што го предлага Владата, преку Министерството за образование и наука.
Поранешниот заменик-министер за образование Петар Атанасовски во своето обраќање праша каков е тој концепт за кој образовни институции и соодветни факултети се изјаснуваат негативно.

„Многу здруженија на професори од различни науки и дисциплини не дадоа поддршка. Напротив, со вашите предлози ја вознемирувате образовната база. Најавата за големи промени не ги радува учесниците во образовниот процес. Искуството покажа дека големите промени ни прават голема штета. Во овој момент во јавноста предизвикувате конфузија, се однесувате арогантно, особено со средношколците и не успевате да возвратите на критиките, избетнувате медиуми, не сакате да дебатирате со стручната јавност“,
нагласи Атанасовски.
Според Митко Панов промените се„маска“, односно со нив ништо суштински не се менува.
„Интегративноста колку што разбравме останува и повторно го имаме тој минимизирачки однос кон историјата“,
смета Панов.
Никола Минов ја повика министерката Мила Царовска и креаторите на оваа концепција да ги послушаат оние кои велат дека историјата треба да остане самостоен предмет.

Мирјана Најчевска, од друга страна, смета дека оваа промена во образованието требала да се случи уште пред 30 години.
„Гледам добра основа во понудената концепција. Не велам дека е совршена, но оваа и ваква концепција е токму она што ни е потребно во моментот. Во концепцијата ја гледам Конвенцијата на правата на детето и тоа е секогаш солидна основа за развивање на промената“,
рече Најчевска.
Академик Драги Ѓоргиев од ИНИ даде целосна поддршка на новата концепција за основно образование, посочувајќи дека со неа се дава можност за учење за мултикултурализам и почитување на другите истории и култури.

„Токму ова го нуди новата концепција што ја предлага Министерството за образование и наука и оваа работна група. Во оваа дискусија јас ќе одам малку понапред и ќе зборувам за наставните програми, посебно за историја. Историјата не треба да се митологизира, за неа треба да се има рационален, а не емоционален пристап. Историјата треба да се изучува така што ќе развива критичко размислување, а не да шири стереотипи и предрасуди. Токму овие можности се вградени во концепцијата”,
рече Ѓоргиев.
Тој истакна дека должности обврската на историчарите е да ја деполитизираат историјата да користат нови толкувања и нови извори и примена на современи метoдологии.