Во пресрет на состанокот на Берлинскиот процес во Софија, закажан за 10 ноември, Европскиот фонд за Балканот, со Институтот за демократија од Скопје и Европскиот совет за надворешни односи од Софија, организира тинк-тенк и форум на граѓанското општество на кој во фокусот ќе биде Кина. Пред овој настан ќе бидат објавени op-ed текстови на оваа тема кои ќе ги пренесува и „360 степени“. Третиот е од д-р Тена Прелец, експертка за регионот и за евроатлантските интеграции од Хрватска.
Пишува: Д-р Тена Прелец
Корозивниот капитал не е целата приказна: балканските политички елити ги користат странските инвестиции за да промовираат наратив за себе како „спасители“ на нацијата. Проблемите со „корозивниот капитал“ се веќе добро познати. Користејќи ги слабостите на владеењето во земјите домаќини, странските инвестиции, кои по природа, не се транспарентни носат ризик од продлабочување на јазот во владеењето на правото, нарушување на животната средина, зацврстување на постоечките непотистички мрежи и поттикнување нееднаквост. Таквите динамики вообичаено се поврзани со протоци на пари од авторитарни режими, каде линијата меѓу јавните и приватни ресурси е замаглена, и чии компании најчесто не се под лупа за случаите на корупција во странство (за разлика од оние кои доаѓаат, на пример, од САД или Обединетото Кралство).
Кина, чие економско присуство на Западен Балкан значително се зголеми во последната деценија, е земја за која често се зборува токму во тој контекст. Постојат обвиненија дека заемите од Кина имаат за цел да ги заклучат балканските земји во „замка на долгови“. Неконкурентни и нетранспарентни зделки често се зацврстени во договори на државно ниво, заобиколувајќи ги стандардните процеси за јавни набавки. И што е клучно, можноста за приватни поттици за јавните функционери ги тераат локалните елити да замижат пред изводливоста и еколошките стандарди на проектот. Добро истражени примери кои нудат докази за такви корозивни практики ја вклучуваат изградбата на автопати во Северна Македонија и Црна Гора, како и на електрани во Костолац (Србија) и Тузла (Босна и Херцеговина).
Меѓутоа, постои уште еден начин на кој економските инвестиции од Кина се користат за домашни политички цели на Балканот: преку користење на моќта која ја дава нејзиниот наратив. Економската ренесанса е тема која сигурно носи политички поени. Некои балкански лидери сфатиле дека, доколку на правилен начин ѝ се презентираат на јавноста, и доколку гореспоменатите проблеми се стават под тепих, инвестициите од Кина и други „пријателски“ земји можат да обезбедат моќна алатка за манипулација – за воспоставување на сопствена спасителна акција во нивната земја.
Во студијата за политика за Прашкиот институт за безбедносни студии, го анализирам начинот на кој Српската напредна партија (СНС) го користеше овој наратив во периодот од 2012 до 2020 година. Таму тврдам дека српската политичка елита ја истакна економската криза со која се соочуваше Србија на почетокот на деценијата, претворајќи ја во повторлива предизборна точка (вреди да се спомене дека избори се одржуваа скоро секоја година, со што јавноста се држеше во речиси постојана изборна кампања: во 2012, 2014, 2016, 2017, 2018, и во 2020). На јазикот кој се користеше во медиумите, голем дел од „решението“ за оваа економска криза првично се припишуваше на инвестициите кои доаѓаа од еден нов партнер, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ). Како што Дојче веле сумираше во 2013 година, „Емиратите се појавија од никаде и ѝ беа претставени на српската јавноста како спасител на српската економија“.
Седум години подоцна, грандиозното добредојде на кинеската помош за корона вирусот во март 2020 година не остава многу простор за сомнеж дека оваа спасителна улога веќе ја презел Пекинг. Постојаното обраќање до Си Ѓинпинг и другите кинески функционери како „браќа“ и „спасители“ во 2016-2020 година е слично на начинот на кој тогашниот потпретседател на Владата (сега претседател), Александар Вучиќ, често му се обраќаше на својот колега од Емиратите, моќниот шеик од Абу Даби, Мохамед бин Зајед, во 2012-2016 година. На помалку систематски начин, пријателскиот имиџ на Русија ѝ послужи и на оваа игра: за тоа сведочи херојското добредојде кое му беше приредено на Владимир Путин за време на неговите посети на Белград во 2014 и 2019 година.
Меѓутоа, размислувањето дека таква стратегија се применува само во случај на незападни актери би било погрешно. Во септември 2020 година, Србија потпиша необврзувачки договор со Доналд Трамп во Белата Куќа кој предвидува, меѓу другото, клаузули кои се чинат штетни за нејзините економски врски и со Русија и со Кина. Како тоа се одрази во српскиот печат? Прорежимските медиуми објаснуваа дека „Трамп му дал на Вучиќ клучеви од Белата Куќа“ и дека „Србија ќе добие милијарди во инвестиции од САД“, вклучително и преку отворање на американски фонд за развој во Белград. Повторно, „спасителниот“ економски аргумент за пријател од странство кој доаѓа во спас беше пресуден во начинот на кој Вучиќ го претстави овој надворешнополитички потег како победа на домашен терен.
Во крајна линија, во користењето на овој наратив, надворешните актери се неважни: единствениот суштински играч е каналот низ кој се одвива оваа спасувачка акција – т.е. српската влада и, особено, личноста на Александар Вучиќ. Наодите од истата студија даваат увид во тоа зошто српската надворешна политика е толку непостојана во последните години. Оваа политика на „седење на повеќе столчиња“ не би требало премногу да нѐ изненади. Во однос на наративот, српското раководство секогаш го избирало актерот кој е најкорисен во подвлекувањето на сопствената спасителна акција во секој даден момент – и кој, најверојатно, ќе продолжи тоа да го прави и во иднина.
Оваа статија беше напишана како дел од проектот „Западен Балкан на крстосница: патишта напред во анализата на влијанието на надворешните актери“, кој го води Прашкиот институт за безбедносни студии. За повеќе информации, посетете ја www.balkancrossroads.com.
Д-р Тена Прелец е научен соработник во Одделот за политички и меѓународни односи (ДПИР), Универзитет во Оксфорд, научен соработник на ЛСЕЕ – Истражување за Југоисточна Европа, Школа за економски и политички науки во Лондон и членка на Советодавната група за политика – Балканот во Европа (BiEPAG).