Во петокот, Државната комисија за жалби по јавни набавки го објави Решението за жалбата на фирмата „Текнокс груп“, за 19 милиони евра „тешкиот“ тендер за набавка на сопствена механизација за РЕК Битола. Одлуката, за која беа потребни 80 дена да се донесe е – постапката се поништува. Главната причина е банална, АД ЕСМ не одговориле на сите прашања на една од заинтересираните фирми, што e услов во Законот за јавните набавки.
На средината на февруари, дел од новинарите и мал дел од информираната јавност очекуваа конечно да случи „чудото“ што го бараа повеќе од една деценија – АД ЕСМ (Електрани на Северна Македонија) да избере најповолен понудувач на тендерот за набавка на сопствена механизација за РЕК Битола.
Очекувањата беа високи не толку за прашањето кој ќе го добие тендерот, туку што конечно РЕК Битола ќе добие сопствени машини па не ќе мора пари од Буџетот да се одлеваат на приватни компании. А како што покажа истражувањето на „360 степени“ од јануари годинава, не станува збор за наивна сума. За две децении, за приватна механизација, РЕК Битола има платено околу 370 милиони евра за изнајмување камиони, багари и други машини од приватни компании.
Сепак, иако понудите за набавка на механизација беа отворени на 30 јануари 2020 година, до крајот на февруари од РЕК Битола редовно ни одговараа на прашањата дека во тек е евалуацијата на вкупно 12 пристигнати понуди. Дојде и март, а постапката се уште никако не стигнуваше до електронска аукција, на која квалификуваните фирми би требало да наддаваат со пониски цени, за на крај да се направи конечен избор.
Наместо разрешница, на средината на март од РЕК Битола за „360 степени“ соопштија дека целата постапка е ставена на пауза, бидејќи стигнала жалба на тендерот.
Барајќи низ архивата на Комисијата, откривме дека жалбата е стигната уште на 7 февруари 2020 година. Но, освен датумот, не може да се види и основата за жалбата. „360 степени“ во неколку наврати побара став од жалителот, компанијата „Текнокс груп“, но тие не сакаа да излегуваат со јавни ставови се додека трае жалбената постапка. Воздржани беа и од АД ЕСМ, оставајќи ја Комисијата да си ја заврши работата.
На што се жалеше „Текнокс груп“
Без директен одговор, само посредно можевме да заклучиме која е основата на жалбата и тоа од одредбите на Законот за јавните набавки. Имено, откако понудите за некој тендер ќе бидат отворени, фирмите имаат право да се жалат само:
„Во однос на пропуштањето на договорниот орган сооветно да одговори на навремените прашања или барања за појаснување или измени на тендерската документација“,
се вели во член 143 од Законот за јавни набавки.

Уште пред да биде донесено и објавено решението со кое е поништен тендерот, „360 степени“ доби признание од ЕСМ дека не одговориле баш на сите прашања:
АД ЕСМ навремено одговори на добиените прашања. Посебен одговор не е испратен само за прашања чии одговори веќе се содржани во тендерската документација (како на пример: каков е начинот на плаќање)
одговорија од АД ЕСМ на прашањата на „360 степени“.
Со други зборови, намерно или ненамерно, компанијата „Текнокс груп“ добила основ не само за жалба, туку и основ да ја добие жалбата и потенцијално да го „сруши“ тендерот од 19 милиони евра, што на крај и се случи.
Банални и помалку банални грешки
Токму фактот што АД ЕСМ пропуштиле да одговорат на сите прашања е основа за поништувањето на тендерот. Или, како што одлучила Комисијата за жалби по јавни набавки:

„Од увидот во досието од објавената постапка на ЕСЈН, Државната
се вели во Решението на Државната комисија за жалби по јавни набавки.
комисија утврди дека жалителот навремено поставил прашања во врска со објавената постапка но договорниот орган не одговорил на сите навремено поставени прашања иако за истото бил должен согласно член 81 став 4 и 6 од Законот за јавните набавки“,
Оваа „грешка“, според Герман Филков од „Центарот за граѓански комуникации, организација која повеќе од една деценија ги следи јавните набавки во земјава, е „почетничка“.

„Значи, мислам дека не требало да се дозволи набавка која сите ја чекаме со години да има такви почетнички грешки или барем за такви почетнички работи да се поништи тендерот“,
изјави Филков за „360 степени“.
Но, освен по жалбените наводи на жалителот, Државната комисија за жалби по јавни набавки постапувала и по службена должност. Односно, иако дел од жалбата е ненавремен, Комисијата и самата нашла пропусти во тендерската документација.
„ Државната комисија утврди дека договорниот орган сторил битни повреди на законот од член 141 став 2, точка 6 односно изготвил тендерска документација која не е во согласност со овој закон и довела или можела да доведе до дискриминација на економските оператори или ограничување на пазарната конкуренција“,
се вели во Решението.
Тие повреди на кои посочува Државната комисија е барањето конкурентите на тендерот да имаат имаат овластен теренски сервис со сервсина служба во РСМ или истиот да го формираат во рок до испорака на опремата, но не подоцна од шест месеци од склучувањето на договорот. Како доказ за овој услов, АД ЕСМ барал изјава за поседување или формирање на овластен теренски сервис на територија на РСМ. Ваквиот услов и доказ не се во согласност со Законот за јавните набавки, заклучува Комисијата.
Понатаму, критерум за избор на тендерот е економски најповолна понуда како најдобар однос меѓу цената и квалитетот, при што цената носи најмногу 60 а квалитетот 40 бода. Притоа, за елементот квалитет, имало наведено дека за бодувањето е даден прилог во тендерската документација со објаснување за начинот на бодување, а делот е наречен технички спецификации. Таквото решение, според Државната комисија, е во спротивност со Законот за јавните набавки.
Зошто наместо за 20 Комисијата за жалби одлучуваше 80 дена
Според Законот за јавните набавки, Комисијата за жалби по јавните набавки требаше да донесе одлука за 20 дена, при што 5 дена се предвидени за прибирање на докуметанција и 15 за одлука, од моментот на прием на жалба по одредена јавна набавка. Но, во случајот, Комисијата одлучуваше дури 80 дена.
Од Комисијата, за „360 степени“ одговорија дека споменатите рокови во законот не се обврзувачки, а причината што чекале толку долго е токму тежината на тендерот. Односно, побарале мислење и од Комисијата за заштита на конкуренцијата, за одредени делови од тендерската документација, за да се отстранат евентуални други недостатоци во идни постапки.
„Побаравме од Комисијата за заштита на конкуренцијата мислење, бидејќи еден од условите во тендерот е да се поседува соодветен сертификат од производителот за да се продава опремата. Тие, пак, се обратиле до ЕСМ и тука е изгубено многу време. За нас беше важно тоа мислење, во контекст на тоа дали има ограничување на конкуренцијата“,
велат од Комисијата за жалби по јавни набавки за „360 степени“.
„360 степени“ денеска се обрати и до Комисијата за заштита на конкуренцијата и до АД ЕСМ, за тоа како течела комуникацијата меѓу овие два органи. Одговорите ќе бидат објавени штом ги добиеме.
Кој губи а кој добива од пропаднатиот тендер?
Првиот „губитник“ во случајот, како што пишува и во Решението на Државната комисија за жалби по јавни набавки, е компанијата АД ЕСМ. Поништувањето на тендерот значи дека компанијата ќе мора прво да ја ревидира тендерската документација согласно препораките, па потоа повторно да го распише тендерот. Потоа, ќе следи долга процедура која очекувано ќе трае најмалку два а веројатно и повеќе месеци. Загубата за компанијата, а и за државниот буџет, е што во меѓувреме РЕК Битола ќе биде приморан да продолжи да „позајмува“ механизација од приватни фирми.

Токму во оваа ситуација можат да се препознаат и најголемите добитници. Тоа се приватните фирми кои ги добиваат тендерите за ангажирање на надворешна и помошна механизација во комбинатот.
Сами или како водечки фирми во конзорциум најмногу пари за изнајмена механизација, од 2006 година до денеска имаат добиено:
ГРАНИТ – 113 милиони евра, пред се до 2013 година кога ги истиснуваат дел од нивните локални партнери;
ПЕЛИСТЕР, кој во најголем дел по 2014 година инкасира околу 68 милиони евра;
ТРАНС МЕТ, чии машини чинеле 58 милиони евра, пред се во периодот 2012-2016 година;
МАРКОВСКИ, во последните 15 години добиле 53,5 милиони евра за своите услуги;
Далеку подолу и последен со приход од над 10 милиони евра од РЕК „Битола“ е фирмата РУД КОП.
Победник, се разбира е и компанијата „Текнокс груп“ која ја поднесе жалбата пред Комисијата за жалби по јавни набавки иако не поднеле понуда на тендерот за набавка на механизација. Нивата позиција, како што неофицијално објаснија, е дека сакале да се пријават и на овој тендер но дека не го сториле тоа токму поради недостатоците. Интерес им е, велат, да има тендер за фер натпревар во кој сакаат да учествуваат.