Само 500 метри квадратни од земјените патеки во Градски парк биле планирани за асфалтирање, додека останатите 7 000 ќе се обновеле со ризла. Така денеска убедуваат градските власти откако вчера кристално јасно соопштија дека ќе асфалтираат 7 500 метри квадратни земјени патеки
Ниту градоначалничката Арсовска, ниту директорот на „Улици и патишта“ Настов, не признаваат дека ретерирале од планот да ја асфалтираат секоја земјена патека во паркот по реакциите во јавноста
Вчера, околу пладне, Град Скопје ја објави една од своите „најпопуларни“ објави на Фејсбук. Во неа се пренесе дека градоначалничката Данела Арсовска, заедно со диркторот на ЈП Улици и патишта, извршиле увид во почетокот на реконструкцијата на пешачките патеки во првиот дел од Градскиот парк.
Делот од објавата што донесе близу 600 коментари, од кои повеќето се несоодветни за лица под 18 години, е што на фотографиите се гледа како се асфалтира патека во Градски парк која отсекогаш била земјена (со ризла). И не само тоа, туку и дека ќе ги асфалтираат сите други земјени патеки.
„Со реконструкцијата во оваа фаза е предвидено да бидат опфатени пешачки патеки на вкупна површина од 12.500 квадратни метри во првиот дел од Градскиот парк. Од вкупната површина 7.500 квадратни метри се пешачки патеки што се покриени со ризла кои ќе бидат асфалтирани“,
пишува во соопштението на Град Скопје од 27 јули 2022 година.
На одлуката за ставање асфалт во Градскиот парк таму каде намерно го немало, вчера реагираа политичари, експерти и обични граѓани. Никој не кажа позитивен збор. Напротив, сите аргументираа дека со асфалтирањето на патеките од ризла и се наштетува на природната средина во Градскиот парк и дека црниот асфалт ќе ја зголеми температурата во паркот.
Утрово, во Град Скопје се одржал состанок меѓу градоначалничката Данела Арсовска со претставници на јавните претпријатија. По тој состанок, директорот на ЈП „Улици и патишта“, Борис Настов, ни рече дека вчера погрешно биле разбрани во јавноста и дека секако не планирале да ја остават вчера асфалтираната патека само со асфалт.
„Асфалтот што вчера беше поставен околу лавиринтот во Градскиот парк е основа која мораше да ја поставиме за стабилизација на тлото. Во овој дел имаше неколку места кои беа подложни на подземни води и тоа предизвикуваше проблеми при движењето на посетителите. Она што сега ќе се прави е врз тој асфалт, кој е со поинаков состав од обичниот, ќе се поставуваат уште три слоја композитни материјали за потоа да се постави тартан патека“,
објаснува Настов.
Тој додаде и дека се што прават како претпријатие е дел од програмата за работа изгласана токму од Советот на Град Скопје.
„Јас сум технички извршител на програмата за работа. Мое е да го завршам она што е предвидено. Не можам јас да публикувам информации, ако за тоа не ми е кажано дека треба да го направам“,
вели Настов.
Но, додека ставот на Настов дава какво-такво објаснување за асфалтот околу лавиринтот, не може да се смени фактот дека во вчерашното соопштение од Град Скопје јасно стоеше дека „од вкупната површина, 7.500 квадратни метри се пешачки патеки што се покриени со ризла кои ќе бидат асфалтирани“. Затоа, испративме и дополнителни прашања барајќи објаснување – што со оние патеки од ризла кои беа најавени дека ќе се асфалтираат.
Од службата за односи на градоначалничката тврдат дека не го смениле мислењето од вчерашното соопштение под притисок на јавноста, но во исто време ни испратија став во кој велат дека нема да асфалтираат повеќе патеки кои се со ризла.
„Денеска директорот на ЈП „Улици и патишта“, Борис Настов во изјава за јавноста појасни во врска со големиот број на шпекулации околу асфалтирањето на патеките во Градски парк. Тој истакна дека со нова асфалтна маса и онаму каде што е потребно заради поголема пристапност на барање на граѓаните, ќе бидат реконструирани патеките кои се со оштетен асфалт. Патеките кои се со ризла ќе бидат обновени со нов слој на ризла, а патеката околу лавиринтот во Градски парк се обложува за бондирање и истата ќе биде покриена со тартан. Градскиот парк се адаптира за најмладите, за лицата со физичка попреченост и за сите останати граѓани кои досега имале отежната пристапност во тој дел. Затоа апелираме до граѓаните за трпение се додека се дојде до крајниот резултат“,
стои во одговорот од Град Скопје на прашањата што „360 Степени“ ги испрати по емаил.
За 24 часа се сменија и бројките. Вчера токму Арсовска објави дека од 12 500 квадратни метри пешачки патеки во првиот дел од градскиот парк, 7 500 се пешачки патеки што се покриени со ризла и кои ќе бидат асфалтирани, а 5 000 квадратни метри се пешачки патеки кои се затекнати во лоша состојба со големи оштетувања и ќе бидат санирани со нова асфалтна маса.
Денеска, пак, директорот Настов вели дека 7 000 квадратни метри патеки остануваат со ризла, а 500 квадратни метри се оние околу лавиринтот што ќе бидат тартан патека. По новата „математика“, единствено се совпаѓаат 5 000 метри квадратни за веќе постоечките асфалтни патеки, кои ќе се санираат.
И покрај ретерирањето, одговор од градоначалничката Арсовска бараат и дел од советниците во Град Скопје. Забелешките од членовите на Советот во Град Скопје се дека, како и за другите проблеми за кои реагираат, така и за овој, одговор од градоначалничката немаат.
Теодора Крстевска, советник од редовите на коалицијата „Движење одлучно за промени“ (ДОМ и ЛДП), вели дека градоначалничката Арсовска си турка своја политика и не реагира на реакциите на јавноста.
„Оваа патека со ризла во градскиот парк стои со години и досега никој не интервенираше ниту пак знам дека имало некакви проблеми. Кои се причините што ова сега се прави навистина не ми е јасно. Веројатно ќе треба да чекаме седница со советнички прашања па градоначалничката да ни даде одговор“,
вели Крстевска.
И Горјан Јовановски, советник од Зелен хуман град, вели дека немаат одговор од Град Скопје на вчерашното нивно барање да се стопира асфалтирањето во првиот дел од градскиот парк.
„Ова што сега го кажуваат дека асфалтот околу лавиринтот всушност е за да се направи тартан патека навистина ми нема логика. Се гледа дека тој е на ниво со ризлата во лавиринтот и со останатите тревни површини. Ако они постават уште два до три слоја композитни материјали и се направи тартан патека тоа ќе биде многу повисоко и нефункционално“,
вели Јовановски.
Со идејата да се асфалтираат патеки во градскиот парк не се сложуваат ниту од партијата Левица. Од советничката група велат дека тој дел од паркот е нешто што треба да се одржува како што беше.
„Не го оправдуваме овој потег со асфалтирањето на патеките и сметаме дека ќе биде подобро во иднина во вакви ситуации градоначалничката да се консултира со стручни лица, па потоа да презема активности“,
вели портпаролот на Левица, Амар Мециновиќ.
Љубица Јанчева, советник од СДСМ, не верува дека за последните активности мнозинството во Советот било запознаено.
„Градоначалничката упорно потенцира дека е независна и тоа независно си го прави. А тоа не значи дека треба да работи независно од Советот. Членовите на Советот имаат обврска, ако не се информирани да прашаат, а тогаш наместо одговор, одбрана. Контрааргумент добивате напад, проследен и со навреди. Ако градоначалничката не знаела за “историјата“ на земјената подлога кај лавиринтот, или ако не ја знаела потребата таа да биде земјена, не асфалт, тоа мора да го знаат луѓето од Секторот. Таа именуваше свој човек за раководител на секторот, Тоа морал да го знае и в.д. директорот на „Улици и патишта“, кој таа го именуваше. Впрочем, директорот наместо градоначалничката (која никогаш не одговара на советнички прашања), им одговараше на советниците од мнозинството на поставено советничко прашање за патеките во паркот. Нејзината “независност” ја доведе до тоа да нема кворум за изгласување на измените на програмите (согласно промените во ребалансот), на последната седница, на 25.07 (седницата е прекината и ќе продолжи на 31.08), па сега јас прашувам како ќе ја финишира градежната офанзива која бомбастично ја најави“,
вели Јанчева.
„360 степени“ се обиде да добие став и од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и од заменик-градоначалничката, советничката Бујаре Абази од Алијанса за Албанците. Повиците и пораките останаа неодговорени.
Реакција за асфалтирањето на патеките во паркот имаше и од поранешниот градоначалник Петре Шилегов. Тој на својот Фејсбук профил напиша дека изборот на асфалт како подлога за стази во парк, во денешно време, е ствар на тотално незнаење и дефинитивно на лош, ама многу лош вкус, вели Шилегов во реакција на социјалните мрежи.
По објавувањето на веста дека асфалтот околу лавиринтот всушност ќе стане тартан патека, на социјалните мрежи коментираше Никола Наумовски, поранешен шеф на кабинет кога градоначалник беше Петре Шилегов.
„Да не се лажеме, планот не бил да се направи тартан патека. Да имаше таков план, ќе постоеше како ставка во годишниот буџет, ќе го имаше во годишните програми за работа на градот. Да имаше план да се прави тартан, немаше вчера кабинетот на Данела да лаже дека родители им барале да асфалтираат, а да не спомнат тартан. Планот го сменија откако вчера ги видоа реакциите на јавноста, а најмногу заради жестокоста на барањето на Зелен Хуман Град (no pasaran). И не, тартан патека не е соодветна за локацијата, ниту за зеленилото таму, ниту одговара на историскиот изглед, ниту пак се компатибилни атлетска стаза и детска содржина (лавиринт) една до друга. Ама нешто ми кажува дека ЗХГ ова ќе го прогласат за успех, дека се имало слух!“,
напиша Наумовски на Фејсбук.
„360 Степени“ се обиде да стапи во контакт и со претходните градоначалници од различни политички партии, но тие не сакаа да го коментира потегот на Арсовска. Ристо Пенов само кратко ни одговори дека не ги одобрува вакви активности, но не сакаше да дава поопширни коментари. Коце Трајановски, пак, не можеше да одговори поради презафатеност.