Во војната против медиумите, владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан го користела „Пегаз“, еден од најмоќните шпионски софтвери во светот. На мета биле претежно новинари кои истражувале корупција поврзана со владата, министри или бизнисмени блиски до премиерот, како и критичари на владата во Будимпешта.
Според заедничкото истражување на организациите „Забранети приказни“, „Амнести Интернешнл“ и медиумски групи од Велика Британија и Германија, на списокот за прислушување во Унгарија има „широк спектар луѓе“, од кои повеќето се адвокати и независни новинари. Форензичката анализа на телефоните на луѓето од таа листа покажа дека повеќето од анализираните уреди биле заразени со „Пегаз“.
Како што е утврдено, телефоните на двајца новинари од истражувачкиот интернет-портал „Директ36“ биле следени со помош на „Пегаз“. Шпиониран е и телефонот на Саболч Пањи, познат репортер со извори во дипломатските и во националните безбедносни кругови. Форензичката анализа спроведена од „Амнести Интернешнл“ покажа дека телефонот на Пањи во неколку наврати бил компромитиран од озлогласениот софтвер во текот на седум месеци во 2019 година. Малициозниот софтвер често влегувал во телефонот откако Пањи ќе упател барање до претставници на унгарската влада.
Кога го добил извештајот од вештачењето на неговиот телефон, Пањи во редакцијата на „Директ 36“ нацртал графикон. На левата страна ги напишал датумите кога тој испраќал официјални барања за коментар до унгарската влада, а од десната страна датумите за кои анализата покажала дека е времето кога неговиот телефон бил загрозен.
Пронашол преклопувања. На пример, на 3 април 2019 година, тој испратил барање за коментар во врска со приказна за руска банка која се преселила во Будимпешта. Еден ден подоцна, телефонот на Пањи бил заразен со „Пегаз“. Повеќе од десет пати телефонот му бил заразен откако тој испратил барање до владата за коментар, се истакнува во анализата на „Амнести“.
„Непријател на слободата на печатот“
Откако Орбан стана премиер во 2010 година, Унгарија падна од 23. на 92. место во Светскиот индекс за слобода на печатот. Овој месец Репортери без граници го ставија Орбан на својот список „Непријатели на слободата на печатот“, што се случува прв пат кога е во прашање некој лидер од Европската Унија.
За разлика од Русија, каде новинарите се апсени за бизарни обвиненија или тепани од полицијата, во Унгарија нема случаи на физичко насилство. Наместо тоа, владата на Виктор Орбан користи „софистицирани“ средства, како што се вознемирување независни новинари, притисоци врз сопствениците на медиуми, повлекување на државните средства за рекламирање од медиумите и агресивно преземање од луѓе блиски до премиерот.
Кога станува збор за прислушувањето и надзорот, Унгарија има еден од најлабавите закони во Европа. Ако се работи за прашање од националната безбедност (што многу широко се толкува) не е потребна судска наредба за некој да биде прислушуван, доволен е само потписот на министерот за правда.
Пањи смета дека „некои во владата на Орбан“ веруваат дека независните новинари се дел од заговор против нив.
„Мислам дека има широко распространета параноја и тие во нашите мотиви гледаат многу повеќе отколку што навистина постои“,
вели тој.
Анализата спроведена на телефон на еден од колегите на Пањи од „Директ 36“ покажа слични резултати. „Директ 36“ е само еден од ретките преостанати унгарски медиуми кои не се под некој вид на владина контрола или влијание.
„Не знаеме за никакво собирање податоци за кое се зборува“, рече портпаролот на унгарската влада, одговарајќи на прашања во врска со трагетирањето на Пањи и другите.
Орбан го бараше „заговорот на Сорос“
Орбан ја разви својата политичка платформа за цврсто спротивставување на миграцијата, тврдејќи дека Унгарија е нападната, а зад сето тоа стои унгарско-американскиот финансиер и филантроп Џорџ Сорос.
Протечените податоци откриваат барем еден случај кога „Пегаз“ бил користен во надеж дека властите ќе ја откријат „заверата на Сорос“.
Еден од телефонските броеви што бил следен му припаѓал на Адриен Беодуин белгиско-канадски докторант, пренесува Гардијан. Тој беше совршен „негативец“ за владата на Орбан – студент на родови студии на Централниотевропскиот универзитет, институција основана од Сорос. Беодуин беше уапсен на протестите во Будимпешта во 2018 година и беше обвинет за напад на полицајци, за што е предвидена казна до осум години затвор. Тој негира дека бил насилен кон полицијата.
Анализата на неговиот телефон ја потврди активноста на „Пегаз“ на уредот, иако нема знаци на успешна зараза. На крајот беа отфрлени најсериозните обвинувања против него, што сугерира дека не е пронајдено ништо инкриминирачко.
Американска агенција за глобални медиуми: Над 180 новинари биле мета на софистициран шпионски софтвер од воена класа
Американската агенција за глобални медиуми го изрази својот револт дека над 180 новинари – вклучително и на Гласот на Америка и Радио Слободна Европа наводно биле мета на овој софистициран шпионски софтвер.
„Таргетирањето приватни разговори на новинари е неприфатливо на кој било начин. Оваа злоупотреба мора да престане, а новинарите мора да бидат заштитени“,
изјави вршителката на должност извршен директор на Агенцијата за глобални медиуми, Келу Чао.
Истрагата на медиумскиот конзорциум наречен проект „Пегаз“ откри дека шпионски софтвер наменет за владите да ги следат терористичките активности бил користен во обид за хакирање на паметни телефони на новинари, активисти за човекови права, директори и владини службеници.
Алатката за шпионирање, наречена „Пегаз“, е развиена од израелската компанија „НСО Груп“. Вашингтон пост, кој е дел од конзорциумот, објави дека неколкумина новинари од Гласот на Америка биле меѓу прислушуваните новинари. Во новиот извештај од Проектот за известување за организиран криминал и корупција, кој исто така е дел од конзорциумот, се вели дека азербејџанската влада го користи софтверот „Пегаз“ за да шпионира стотици локални активисти и новинари, вклучувајќи петмина сегашни и поранешни дописници на РСЕ. Меѓу нив е и Хадија Исмаилова, поранешен шеф на бирото на РСЕ во Баку и една од најистакнатите истражувачки новинари во земјата.