Повикот за помирување за 27 април на премиерот Зоран Заев стигна до малкумината демонстранти пред Собранието во моментот кога тие порачуваа дека владејачкото мнозинство нема мандат да го менува името. Предлогот не им е прифатлив. Особено на Коле Џангаловски, кој одлежал 3 месеци затвор за учество во толпата на 27 април.
– Кое е тоа помирување? Ги држи нашите браќа да седат и лежат во притвори, и да ги тепаат и измачуваат. Нема пазар, ние сме луѓе не сме стока да се пазари со нас. Нема пазар. Он треба што поскоро да го напушти премиерското место, оставка на Владата да се смени и да дојде нова Влада – вели Џангаловски.
На иста линија е и 66 годишниот Петре Жежовски, кој чека одлука на апелациониот суд, откако бил осуден во прв степен на 2 години и 10 месеци затвор за настаните на 27 април.
– Ако тој го мисли тоа сериозно и коректно требаше да го даде многу порано, друго ќе отидевме, немаше да се замразиме, закрвиме и да не си веруваме. Јас знам дека Заев дава изјави и никогаш не си го одржува зборот. И да е така, јас ќе ги одлежам, јас сум накажан, јас ќе ги одлежам како доликува за Македонија – вели Жежовски.
Според мнозинството демонстранти со кои разговаравме, потегот на Заев е само во функција на обезбедување на гласови од опозицијата за уставните измени.
– Ако мислел само да се договори, да се направи пак некој дил меѓу пратениците за да се изгласаат овие уставни измени а против волјата на народот, е исто така недозволиво – објаснува организаторката на протестот Ана Бобинкова Мијаковска од Здружението „Преродба“.
– Прво не ми се допаѓа како пазар прави, со тоа дали останува на истиот став од преспанскиот договор. Што е? Ако е тоа, цената е превисока за тие затворените од 27 април, невините „терористи“ – смета една граѓанка присутна на протестот.
А зошто пред Собранието дојдоа само неколку десетици за да го бранат Уставот?
– Со протести некогаш имавме и 10 души. Меѓутоа сега ова што го гледате апсолутно нема врска. Дошле оние што сакале да дојдат, ама бојкотот кажа милион и 200 илјади граѓани ја сакаат Македонија – ни одговори една граѓанка.
– Многу е јасно, прво сите што се вработени имаат огромен притисок за да дојдат. Имам сознанија, јас со луѓе контактирам што се во работен однос, имаат огромен притисок, остануваме само ние пензионерите и понекој така… – ни рече друга граѓанка.
Од движењето „ Преродба“ ќе продолжат да протестираат секој ден пред Собранието, како што велат, се до оставка на Владата.
Напишете коментар