Средното училиште „Мирко Милески“ во Кичево во исто време е и средното училиште „Дрита“. Двете училишта некогаш биле едно, но во 2011 година се делат на два правни, но и на два етнички субјекти. Сепак, немајќи каде да се преселат, останале да учат во ист објект. На приземјето се учениците на „Мирко Милески“, првиот кат е мешан, а на вториот – оние на „Дрита“. А ги поделил изборот на директор – да биде Македонец или Албанец. Па сега, осум години подоцна, не пречекаа двајца.
„Причината беше политичка, од политички карактер, тоа беше одлука на тогашните партнери во Влада.“ – се сеќава Милка Спасевска, директорка на ОСУ „Мирко Милески“ – Кичево.
„Единствената причина беше огласот за директор. Училишниот совет гласаше за директор Албанец, но тој не беше прифатен од тогашниот градоначалник на Општина Кичево, па затоа беше одлучено да со формираат две гимназии во Кичево. Едната со албански наставен јазик, а другата на македонски јазик.“ – раскажува Фестим Ахмети, директор на ОСУ „Дрита“ – Кичево. „Албанските ученици останаа да учат во истите училници каде што учеа, наставничката канцеларија беше повторно заедничка, значи заедно соработувавме, седевме, пиевме кафе со колегите Албанци. Некоја посебна промена или разлика не почувствствувавме.“ додава Спасевска.
„Сите активности од аспект на инфраструктура се заеднички. Се што се одлучува се одлучува заедно.“ – додава Ахмети. „Двајца директори, двајца помошник-директори, еден секретар во „Дрита“ кој секогаш мене ми излегува во пресрет за правните проблеми зашто „Мирко Милески“ во моментов нема свој правник-секретар, двајца благајници… По еден во секое училиште.“ – вели Спасевска. Но, сега во училиштето „Мирко Милески“ не е вработен ниту еден Албанец, а во „Дрита“ Македонци се само професорите кои предаваат македонски јазик кој е задолжителен.
„Јас до лани работев во ОСУ „Дрита“ и имам цела генерација ученици кои што се тука по ходниците и исто ми се ученици како овие што ми се сега, значи за мене нема разлика дали се тие ученици на албански или на македонски наставен јазик. Ние сме навикнати на ваква атмосфера и се ни е нормално.“ – изјави Благица Јовеска, професорка во ОСУ „Мирко Милески“ – Кичево. Професорот Неби Биљали два мандати бил директор на „Дрита“.
„Досега не сме направиле индивидуално организирање, значи учениците да бидат организирани на заедничка вечер, значи нема забава која ќе ја прават заедно двајца ученици.
Сите активности што се прават, се прават со наши директиви како раководство и благодарение на невладините организации. “ – смета Биљали. Иако учат во иста училишна зграда, учениците Петар Настески и Едона Љутфиу се запознале волонтирајќи во Црвениот крст.
„Можност за запознавање помеѓу учениците од македонските смерови и Албанците и Турците нема толку бидејќи сме поделени. Имаме контакт само додека се одморите и слично.“ – вели Настески. И на двајцата не би им пречело ако некогаш нивните училишта повторно станат едно. „Ако се направи спојување на училиштето и учениците Албанци и Македонци, мислам дека резултатите би биле уште попозитивни. Тоа би овозможило да бидеме поцивилизирани и посоцијализирани.“ – смета Љутфиу.
Тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ не е поделена на две училишта, но е поделена на два објекти.
Во централниот учат паралелките на албански наставен јазик, а во старото медицинско училиште – оние на македонски. „На етничка основа од 2002 година имаше тенденции за конфликти. Самите родители на учениците Македонци побараа во објектите во кои и претходно бевме поделени, да се одделат учениците Македонци поради безбедносни прашања.“ – раскажува директорот на гимназијата Бајрам Шаини. Во другиот објект ја најдовме заменик-директорката која верува дека 16 години подоцна тие повторно би можеле да работат и учат во иста зграда, ако конечно на центарлниот објект му се направи доградба за да има простор за сите.
„Во албанската настава учениците се повеќебројни за разлика од македонската настава, така да и распоредедот на часовите на професорите е различен. На пример, денеска е два часа во прва, а два часа во втора година. Со тоа не би било можно да дојде овде па да трча после тоа таму. Поради тие услови мора вака да биде, но ние се надеваме и веќе имаме сознанија дека проектот е започнат за доградба на главната зграда на гимназијата. Се надеваме дека брзо ќе се реализира и дека ќе почнеме сите заедно да учиме во една иста зграда.“ – вели заменик директорката Магдалена Теохаровска – Петроска.
За гимназијалците тоа е добра идеја.
„Мислам дека не би имало никаков проблем ние како Македонци и Албанци да учиме во иста зграда, на пример во главната гимназија ако се доградат плус училници за нас.“ – смета ученичката Мила Николиќ.
„Мислам дека ќе има проблеми, но би било подобро да дојдат и тие. Зошто да не се запознаеме и дружиме повеќе со нив? Така би создале поголемо пријателство. “ вели ученикот Фитим Сулејмани.
Разделените тетовски гимназијалци најмногу ги спојува спортската сала. Имаат заедничка одбојкарска екипа, а со резултатите им пркосат на сите поделби.
„Бевме на општинскиот женски одбојкарски турнир кој се одржа во Медицинското училиште. Таму нашето училиште одигра три натпревари и во сите три победивме со голема разлика. Немаше проблем затоа што бевме од неколку македонски паралелки и неколку албански. Бевме заедно и тоа ни овозможи уште поголеми победи. “ вели ученичката Ериона Јонузи.
Гимназијалците се расположени и за одржување заеднички часови во редовната настава, а не само во слободните активности, но сметаат дека има една пречка која дури и нивните спортисти тешко можат да ја прескоскнат – јазикот.
„Тоа е до волјата на учениците и воопшто луѓето во државава за да го научат албанскиот или Албанците – македонскиот јазик. И од наша страна имаме Македонци кои воопшто не го знаат албанскиот, а има и Албанци или деца од албанска настава кои воопшто не го знаат македонскиот јазик, иако македонскиот јазик се учи во училиштата. Ние сега во „Кирил Пејчиновиќ“ немаме албански јазик, мислам ниту како изборен.“ – додава Николиќ.
Во Куманово, пак, има вкупно пет средни училишта, но поради поделеноста фукционираат како да се осум – етнички чисти. Од гимназијата „Гоце Делчев“ произлегла и гимназијата „Сами Фрашери“ како посебен правен субјект во кој учат само ученици Албанци. Останатите три средни училишта, пак, иако формално се три правни субјекти, функционираат како да се шест, бидејќи Македонците следат настава во еден, а Албанците во друг објект. Мешање нема. И основните училишта се одамна поделени – во едни учат само Македонци, во други само Албанци.
По различните патишта на кумановските училишта не тргнало само едно – основното „Толи Зордумис“. Наставничката Зејнепе Бајрами ги носи своите ученици од втората смена на заеднички час со нивните врсници од македонска настава, кои штотуку завршиле со часови во првата смена. Делат иста училница. И иако двата класа учат на својот мајчин јазик, меѓу смените се заедно и учат и на двата јазика.
„Правиме честитки ако некој празник ни доаѓа или работиме, цртаме, боиме.“ – вели ученичката Кјара Ристиќ.
„Ние изградивме еден свет и направивме неколку птици, направивме глобус со раце одозгора.“ – вели ученикот Арон Арифи.
Дента учеа за сообраќајните знаци и правила. Тие барем се исти за сите. Но, овие активности, како и генерално концептот за заедничка настава, се дел од проект на невладината организација „Нансен дијалог центар“.
„Дечињата низ игра се запознаваат со туѓи, различни култури, го учат јазикот ненаметливо. Најмногу се дружат, соработуваат.“ вели Мерлин Стојаноска, наставничка во ОУ „Толи Зордумис“ – Куманово.
„Учениците учат да работат во групи, да го почитуваат мислењето на другиот, да ги почитуваат разликите, да ја почитуваат културата на другиот и да ја развијат нивната креативност заедно.“ вели Зејнепе Бајрами – наставничка во ОУ „Толи Зордумис“ – Куманово.
Од училиштето признаваат дека токму проекот ги задржал учениците на едно место. За да остане така, директорот Миле Јордановски смета дека покрај наставниците, и другите вработени ќе треба да бидат од различни етнички заедници. Сега сите тие се Македонци.
„Со новото финансирање во 2019 година и со новите планови за вработување што ги бараат од министерствата за образование и за финансии да може да вработиме и некој педагог на албански јазик, дефектолог на албански јазик и она што сега го работиме со локалната самоуправа е да се постави и заменик-директор Албанец.“ – изјави Јордановски.
Слично како кумановското „Толи Зордумис“ функционираат десеттина училишта во мултиетничките средини. Тоа е дел од Концепцијата за интеркултурно образование креирана од „Нансен дијалог центарот“, која во 2016-та е прифатена како официјален документ на Министерството за образование и наука. Со овој проект поддржан од норвешката Влада, се тежнее кон тоа учениците да бидат заедно и во дел од редовната настава, а не само при слободните активности.
„Што поконкретно значи во редовната настава? Тоа е ревидирање на наставните планови и програми во основното и во средното образование, ревидирање на учебниците од мултиетнички и интеркултурен карактер, да се детектираат сите стереотипи, етноцентризам, предрасуди кои што ги промовираат содржините на учебниците.“ вели директорот на „Нансен дијалог центар“ – Скопје Сашо Стојковски.
Вметнувањето на интеркултурната компонента во редовната настава беше дел од реформата во основното образованието што ја најави претходната министерка за образование Рената Дескоска.
„За краток временски период, заедно со работната група ги завршивме наставните програми од прво до трето одделение. Но, за жал, со промена на министерката дојде до паузирање на овој проект. Новиот министер се одлучи да продолжи „Кембриџ“ програмата. Веруваме дека наскоро ќе продолжи овој процес на реформите и ќе биде дозволено од страна на Министерството за образование и наука да се продолжи со креирање на програмите од четврто до деветто одделение. Да се затвори тој процес.“ додава Стојковски.
Но, министерот за образование Арбер Адеми тврди дека образовната реформа не е паузирана. По предлогот за нов Закон за основно образование на неговата претходничка, сега се прави втора верзија на предлог-законот.
„Нивниот предлог се однесува на прво, второ и трето одделение. Не е еден целосен предлог кој го зафаќа целиот циклус што го опфаќа основното деветгодишно образование со цел да имаме јасна слика за тоа какви вештини, компетентности, способности и сознанија ќе има еден ученик кога го завршува основното. Заедно и со поранешната министерка Дескоска разговаравме за едно такво реформирање и првично беше поддржано, беше потпишан меморандум на соработка, но во јуни од „Нансен дијалог центар“ бев известен дека има застој поради причини кои ги опишаа самите претставници од „Нансен дијалог“ и не ги презеле сите тие постапки кои требале да ги преземат во периодот кога и требаше да имаме финализирање на таквите активности.“ – изјави министерот за образование Арбер Адеми.
И додека „Нансен“ и „МОН“ ги усогласуваат предлозите за реформите, во трите мешани средини што ги посетивме учениците од различни етнички заедници изразија подготвеност да учат заедно.
„Сепак, тоа не ни било понудено досега и, едноставно, навикнати сме со фактот дека треба да учиме одвоено.“ – вели гимназијалката Едона Љутфиу.