„Проценките се дека на околу 20 пациенти ќе им биде потребна продолжена рехабилитација. За нив се подготвува центар во рамки на болницата ‘8 Септември‘. Неколку држави ни понудија и бесплатна рехабилитација за овие пациенти. Ќе се обидеме да осигуриме со нив таму да присуствува и некој од нивните семејства. Но, со сите детали ќе излеземе за околу десетина дена“, посочи министерот за здравство
На дваесетина од повредените во несреќата во Кочани ќе им биде потребна подолготрајна рехабилитација, а кај дел од нив процесот на заздравување би можел да трае и до две години. Ова денеска го рече министерот за здравство Арбен Таравари посочувајќи дека се проверуваат сите потребни активности за прифаќање и продолжена нега на сите повредени во несреќата во Кочани.

„Направена е евалуација од експерти од Велика Британија за тоа колку време ќе биде потребна за нивна рехабилитација. Веќе го имаме списокот на сите што ќе бидат задржани подолго во странство. Го знаеме веќе и периодот колку би траела нивната рехабилитација“,
рече министерот.
Според него, времетраењето на рехабилитацијата варира кај различни пациенти, но кај потешките случаи таа би можела да трае и до две години.
„Проценките се дека на околу 20 пациенти ќе им биде потребна продолжена рехабилитација. За нив се подготвува центар во рамки на болницата ‘8 Септември‘. Неколку држави ни понудија и бесплатна рехабилитација за овие пациенти. Ќе се обидеме да осигураме со нив таму да присуствува таму и некој од нивните семејства. Но, со сите детали ќе излеземе за околу десетина дена“,
кажа тој.
Последните информации, како што рече министерот, се дека од 47 пациенти што се на лекување во странство само еден е во критична здравствена состојба. За утре додаде дека е најавено враќање на еден од повредените од лекување во странство.
„Да се надеваме дека состојбата ќе се повторува“,
вели Таравари.
Во здравствените установи во земјава се хоспитализирани пет пациенти. По двајца се сместени во болницата „Свети Наум Охридски“ и во приватната болница „Систина“, додека на Клиниката за пластична хирургија е сместен еден пациент.
Двајца се третираат амбулантски, односно закрепнуваат во домашни услови, а доаѓаат само на лекарски третман на клиниките.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна рано наутро на 16 март. Во трагедијата, животот го загубија 61 лице, а близу 200 беа повредени. Во моментов девет лица се лекуваат во болници низ Скопје, а 48 во странство.