Сега на граѓаните им е кристално јасно: со ДПМНЕ и Левица нема Европска Унија, нема иднина. ДПМНЕ ја загуби идеолошката матрица и почна да забегува заедно со Левица, вели портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски

Единствен кочничар на државата е анти-ЕУ и анти-НАТО коалиција на ДПМНЕ и Левица, повторија денеска од владејачкиот СДСМ.
Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ, вели дека иако државата имала успешен скрининг, иако има силна поддршка во Унијата и отворени врати, поради активната блокада на Мицкоски и Апасиев во македонското Собрание, не започна процесот на отворање поглавја.
„Виновникот има име и презиме: Мицкоски и ДПМНЕ. Мицкоски ги понижи македонските граѓани и македонскиот народ. Откако пропаднаа и сите лаги со кои што го плашеа македонскиот народ, дека некој ќе ни го смени идентитетот, дека ќе сме се асимилирале и бугаризирале. Сега на граѓаните им е кристално јасно: со ДПМНЕ и Левица нема Европска Унија, нема иднина. ДПМНЕ ја загуби идеолошката матрица и почна да забегува заедно со Левица“,
рече Каевски на денешната прес-конференција.
Каевски вели дека СДСМ се профилира како партија којашто единствена го брани националниот интерес на македонскиот народ да биде дел од големото европско семејство, признаен и почитуван.
„Со СДСМ имаме заштитен македонски јазик и идентитет и извесно членство во ЕУ, подобар животен стандард, поголеми плати и пензии. Затоа на овие избори за кочничарите, за активните блокатори, за анти-европскиот блок на ДПМНЕ и Левица им следува голема казна и пораз. Активната блокада на европскиот пат паѓа за само неколку месеци и ќе биде поразена“,
додаде Каевски.
Портпаролот на СДСМ рече дека со глас за неговата партија и Европскиот Фронт се обезбедува европска иднина, се продолжува по европскиот пат и полноправно членство во ЕУ.
„СДСМ ќе ја формира новата проевропска Влада која ќе ја однесе земјата во Европската Унија и која ќе обезбеди европска иднина, европски стандард и европски вредности“,
рече Каевски.