Парите со кои е сликана Катица Јанева во нејзината дневна соба, според Јовановски, се за мебел, а не од рекет
Обвинителката Русковска вели дека најголемиот дел од исказот на Боки е невистина и клеветење за што нема никаков доказ или аргументи
Каде завршила чантата „Луј витон“ за која се тврди дека била полна со еден милион евра?
Ова прашање за еден од клучните докази во предметот „Рекет“ денеска се покрена низ сведочењето на првообвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13.
Според обвинението кое го подготви обвинителката Вилма Русковска и снимките кои прво излегоа во италијанскиот весник „Ла Верита“, а подоцна беа прикажани и во судница, се упатува на тоа дека фамозната чанта од домот на бизнисменот Орце Камчев ја изнеле Бојан Јовановски и Зоран Милески – Кичеец, на 20 февруари 2019.
Но, понатаму, според одбраната, таа била вратена од каде што е земена, а според обвинителството завршила во семејната куќа на родителите на Јовановски во скопско Тафталиџе.
Критичниот ден, сведочеше денеска Јовановски, точно е дека заедно со Милески биле на кафе-пиење кај Камчев, но тврди, ниту ја допрел чантата, ниту видел пари.
„Не разговаравме ништо за таа торба, ја немав видено. Кога ја видов, беше затворена, не сум бил присутен кога е направена снимката каде што се бројат парите. По половина час, заминавме, Милески ја зеде со таква леснотија, а пишува дека таму имало еден милион евра. Заминавме, Зоран Милески ме остави пред домот на моите родители и си замина со торбата. Беше затворена, не видов никакви пари, ги видов на камера тука. Во ниеден момент немам никаков допир со таа торба. Ако обвинителството ја пронајдеше, можеше да ја извештачи и да докаже нешто… Не случајно побарав да бидат изведени видеоснимки од камерите од семејниот дом на Камчев зашто таму ќе се види дека на 21 или 22 февруари истиот Зоран Милески ја враќа истата торба кај Камчев. Тие хард-дискови ги има во оригинал во обвинителството“,
зборуваше Боки во денешното сведочење.
Но, Русковска уверува дека и овој но и останатите делови од исказот на Јовановски не се вистинити и убедува дека чантата завршила во куќата на неговите родители.
„Што се однесува до торбата за која тврдеше дека ја видел кога Милевски ја земал и после 2-3 дена кога ја вратил, во анализата на неговиот телефонски уред има слика, точна локација каде што живеат родителите на Бојан Јовановски и точно време, торбата е внатре. Имаме и време и локација, кое нешто се совпаѓа со тоа дека откај Камчев, торбата завршила во куќата каде живеат родителите на Бојан Јовановски. И тој доказ беше и презентиран и доставен до судот“,
рече Русковска пред новинарите коментирајќи го исказот на Јовановски.
Нејзиното тврдење, пак, го негираше адвокатот на Боки, Сашко Дукоски. Вели, ниту има слика ниту снимка, туку само податоци за локацијата „уловени“ преку базната станица за мобилна телефонија.
„Има базна станица. Она што го кажа обвинетиот, дека кога Милески го враќал од домот на сведокот (Камчев) во домот на неговите родители. Каква ташна, каква снимка?! Осудениот (Милески) воопшто се нема качено во домот, туку само го оставил. Јас извршив увид во тоа што ми е дадено, јас таква снимка немам видено, одговорно тврдам дека не постои“,
вели Дукоски.
„Парите од фотографијата со Јанева се за мебел“
Боки денеска зборуваше и за фотографиите и кратките снимки од поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева како седи во нејзината дневна соба, а на масата има снопче пари, за кое обвинителството проценуваше дека се 50 000 евра. Таквите фотографии и снимки, кои ги направил Јовановски, беа прикажани во судница, а тој денеска тврдеше дека станува збор за пари за мебел, а не пари од рекет.
Раскажуваше дека синот на Јанева, Лазар, го реновирал станот, па им требал мебел и Боки им се понудил да го земат од „Зона мебел“ преку телевизијата, а парите да му ги дадат на него.
Јанева, пак, на минатото рочиште обелодени дека му поднела приватна тужба за неовластено снимање, а своја изјава за фотографиите таа ќе има шанса да даде веќе утре кога судењето за „Рекет“ ќе продолжи со нејзино давање одбрана.
„Рекет“ за Боки е конструиран случај со помош на „оперативецот“ Милески
Исказот во врска со „Лиј витонот“ со милион евра и за парите беа само дел од околу 5 часовното сведочење на Јовановски. Низа имиња на политичари и судии можеа да се слушнат денеска во судницата додека тој даваше одбрана. Но, најчесто го споменуваше Зоран Милески – Кичеец, кој беше обвинет заедно со него, но призна вина и доби тригодишна затворска казна.
Додека за адвокатот тоа што се слушнало од устата на Јовановски било вистината, Русковска заклучува дека најголемиот дел од исказот е лага. Лага, која ќе била разоткриена ако Јовановски го повикал Кичеец да сведочи.
„Проценка е дали некого ќе повикаш за сведок или не. Мојата беше дека мене не ми е потребен Зоран Милески затоа што имам доволно докази за овој предмет и сметам дека секој дополнителен сведок што треба да се викне само ќе доведе до одолговлекување на постапката. Од тие причини не го повикав, но искрено очекував дека одбраната ќе го повика. Сега ми е јасно зошто не го повикаа, целата одбрана на Бојан Јовановски се сведуваше на обвинувања за Зоран Милески. Ако го повикаа, сигурно немаше да може на овој начин да ја дава својата одбрана“,
искоментира Русковска во изјава за медиумите.
Таа порача дека за тврдењата на Јовановски ниту има докази ниту аргументи, а како обвинител таа се води само од доказите.
Во судницата, пак, Боки го нарече Милески „агент-провокатор“ и „оперативец“ на Орце Камчев со чија помош бил монтиран случајот „Рекет“. За да дојде до тоа, тврдеше Јовановски, Милески ја придобил неговата доверба, станале блиски, а тој дури развил и емоции кон него. Бранејќи се, тој тврдеше и дека предметот е конструиран за да се сруши СЈО бидејќи така им одговарало и на власта и на опозицијата, за да се ослободи Орце Камчев, за да се згасне 1ТВ…
Детали од денешната одбрана на Јовановски можете да прочитате на следните линкови:
Боки: Пред вас стои следниот лидер на оваа земја
Боки: Што ќе сум му јас на Камчев за да ми дава пари во февруари, кога Врховен го пушти во јануари?
Боки: Заев ми кажа дека странски служби и обвинител имаат предмет против мене и Катица
Боки тврди: Не сум ја допрел торбата „луј витон“, Милески еден-два дена подоцна ја врати кај Камчев
Боки: Кичеец ми кажуваше дека неколку пати со Ана Камчева бил во кабинетот на Заев