Шефот на македонската дипломатија Османи во саботата го оцени како провокација отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, а еден ден порано и изјави дека тоа оди на штета на бугарската заедница во земјава. Тој додаде дека МНР не добило покана да оди на отворањето, но и доколку добиело немало да ја прифати
Царот Борис Трети Обединител е симбол на ослободувањето и единството на Бугарите, напиша на својот фејсбук-профил европратеникот Ангел Џамбаски од редовите на ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов, како одговор на изјавите на шефот на македонската дипломатија Бујар Османи за отворањето на клубот, кој го носи името на бугарскиот монарх, сојузник на Хитлер за време на Втората светска војна.
„Ова, господине Османи, не е провокација туку факт. Години на коминтернски лаги и пропаганда не можат да ја променат историјата. И таа покажува дека бугарските чети биле пречекани како ослободители со цвеќиња и бугарски песни. Омразениот за сите Македонци Иван Михајлов вели: ‘Кога се отворија бугарски училишта во Македонија во 1941 година, таму немаше бунт и не се бараа други училишта’. Крајно време е политичарите крај Вардар да сфатат дека нивниот страв од колапс на лагата не ја оправдува омразата и репресијата кон Бугарите. Југославија се распадна, време е да се урне нејзиниот последен бастион – македонизмот“,
напиша Џамбаски на Фејсбук.
Османи во саботата го оцени како провокација отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, а еден ден порано и изјави дека тоа оди на штета на бугарската заедница во земјава. Тој додаде дека МНР не добило покана да оди на отворањето, но и доколку добиело немало да ја прифати.
„Правото на здружување е неприкосновено и граѓаните имаат право да создаваат клубови колку што сакаат согласно законот и Уставот, но името не е во согласност со втората точка од конвенцијата, а тоа е во духот на дијалог и пријателство бидејќи ова име ниту придонесува ниту помага во пријателството, разбирањето и дијалогот помеѓу народите и државите туку напротив е основа за раздор и нетрпеливост. Оттука сметам дека да, тоа е провокација. Дури, ќе одам и подалеку. Мислам дека е на штета на бугарската заедница овде“,
рече Османи.
Отворањето на клубот како провокација претходно го оцени и премиерот Димитар Ковачевски
„Тоа е провокација која никому не му носи добро. Отворање на културен центар треба да носи име на некој кој зближува, а не некој кон кој граѓаните имаат негативни чувства, не само Македонците, туку доминантно и Евреите бидејќи знаеме што се има случено со еврејската заедница во Втората светска војна“,
рече премиерот во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21.
Клубот „Цар Борис Трети“ беше отворен во петокот во Охрид од здружението што го носи истото име, а кое беше формирано претходно.
Истовремено со отворањето на клубот, пред просториите каде што се наоѓа, беше организиран протест од страна на Левица, кој иако, како што по неговото завршување охридската полиција соопшти дека поминал без нарушувања на јавниот ред и мир, на моменти се одвиваше во тензична атмосфера.