Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран е предвидено да им помагаат на осамени, стари, изнемоштени, како и на бездомни лица, а дел од препораките се однесуваат и на работодавачите
Градовите Гевгелија, Богданци, Валандово и Дојран денеска и утре ќе бидат во портокалова фаза поради високите температури, потсетуваат од Центарот за управување со кризи (ЦУК) и апелираат до граѓаните да ги почитуваат препораките што вчера ги донесе техничката влада.

Препораките за намалување на ризиците од високите температури се од Министерството за здравство, а согласно акцискиот план на Министерството за превенција од последици од топлотните бранови врз здравјето на населението за територијата на овие градови.
„За градовите што ќе бидат зафатени од портокалова фаза се препорачува ослободување од работните обврски на најранливите групи население, односно бремените жени и лицата на возраст над 60 години. Во градинките е препорачано да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот“,
се наведува во соопштението на ЦУК, во кое потсетуваат на препораките од Владата.
Овие два дена, како што соопштија вчера од Владата, најавено е и дека од високи температури, но од жолта (алертна) фаза ќе бидат зафатени Скопскиот и Вардарскиот Регион, во кои ќе важат општите препораки што ќе ги соопшти Министерството за здравство.
Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран е предвидено да им помагаат на осамени, стари, изнемоштени, како и на бездомни лица.
Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, Владата ги потсетува работодавачите на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.