Денеска, по десетти пат во трисетгодишната македонската парламентарна демократија, граѓаните ќе ги избираат своите претставници во Собранието. Избирачките места првпат ќе бидат отворени два часа подолго, па наместо вообичаено од 7 до 19 часот, поради корона-кризата, правото на глас ќе може да се оствари до 21 часот.
Право на глас имаат 1 814 263 граѓани. Мал дел од нив, над 10 илјади, гласаа во изминатите два дена. Во понеделникот својот глас го дадоа 723 лица кои се позитивни на ковид-19 или се наоѓаат во изолација или самоизолација, а вчерашниот ден беше резервиран за над 9 000 граѓани од повеќе категории: болни и немоќни, сместените во домови за возрасни лица, осуденици и притворени.
Покрај тоа што гласањето е пролонгирано за два часа, овие избори се разликуваат и по тоа што за ден на гласање е определена среда, а не недела, но тоа не е првпат, бидејќи ваков случај имаше и на парламентарните избори во 2006 година.
Денешното изјаснување се разликува од досегашните и поради посебните протоколи со кои ќе се спроведува, наметнати од епидемијата со коронавирусот.
Протокол за избори во корона
Според протоколот, полицијата на влезот на секое гласачко место ќе бара граѓаните да стават заштитна маска, а по влегувањето ќе треба да се одржува дистанца во редот за гласање. Во просторијата за гласање ќе може да влезат само онолку гласачи колку што има паравани за гласање.
При влегување во просторијата, гласачот прво ќе треба да ги дезинфицира рацете и да им ја даде личната карта или пасошот на членовите на избирачкиот одбор. Накратко ќе треба да ја симне маската за биде потврден неговиот идентитет, по што ќе се потпише на избирачкиот список и ќе му биде дадено гласачкото ливче. Откако ќе замине зад параванот и ќе го оствари своето право на глас, избирачот го стави ливчето во гласачката кутија. Потоа го добива назад документот за идентификација и на излегување од гласачкото место повторно треба да ги дезинфицира рацете.
1 560 кандидати за 120 пратенички места
На овие избори учествуваат четири коалиции и 11 партии, со вкупно 1 578 кандидати. Меѓутоа, реалната бројка на кандидати, всушност, е 1 560 за 120 пратенички места, со оглед на тоа што не беа исполнети условите за гласање во дијаспората, за каде шест политички субјекти доставија листи со по три кандидати.
Откако се практикува изјаснување и на иселениците, од 2011 година, ова ќе бидат први избори за пратеници кои ќе поминат без гласање во дијаспората, поради тоа што немаше доволен број пријавени избирачи во македонските дипломатско-конзуларните претставништва низ светот.
120-те идни пратеници ќе се изберат од шест изборни единици (ИЕ), по 20 од секоја.
Најмногу кандидатски листа се поднесени во „двојката“, а најмалку во „шестката“: во ИЕ 1 пријавени се 14 кандидатски листи; во ИЕ 2 има 15 кандидатски листи; во ИЕ 3 има 13 кандидатски листи; во ИЕ 4 има 12 кандидатски листа; во ИЕ 5 има 14 кандидатски листи; во ИЕ 6 има 10 кандидатски листи.
Набљудувачи од дома и од странство
Според информациите што ги соопшти Државната изборна комисија (ДИК) пред два дена, за овие избори акредитирани се 2 508 домашни набљудувачи, 96 странски, 56 преведувачи и 56 странски новинари.
Во текот на изборниот процес граѓаните ќе може да контактираат со ДИК за да дадат коментари, препораки или забелешки на бесплатниот телефонски број 0 800 555 44, а оние со оштетен слух и говор можат да остварат и видеоповик на мобилниот телефонски број 076 488 360. Исто така, за комуникација, ДИК ги става на располагање и својата веб-страница, официјалните профили на Фејсбук и Твитер, како и јутјуб-каналот.
Конститутивната седница на новиот парламентарен состав најдоцна до 5 август
Новоизбраниот пратенички состав на Собранието, според Уставот, треба да се состане на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. Неа ја свикува претседателот на Парламентот во претходниот состав, а доколку тој не закаже, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на дваесет и првиот ден од денот на изборите.
Ова би значело дека во случајот новиот собраниски состав треба да ја одржи конститутивна седница најдоцна до 5 август.

Според Уставот, откако Собранието ќе се конституира, претседателот на државата во рок од десет дена треба да го додели мандатот за формирање влада на партијата/партиите кои имаат мнозинство. Мандатарот, пак, има рок од 20 дена да ја состави новата влада.
