„Пред одлука сме Владата да купи од 100 до 120 електрични автобуси, кои потоа ќе бидат донирани на јавниот транспорт по општините“, вели Меџити
За набавката на електричните автобуси, Мицкоски вели дека до крајот на годината ќе биде распишан тендер и оти сега се утврдуваат условите, се подготвува техничката документација и оти се скенира пазарот

Утре шест електрични автобуси ќе му бидат донирани на Градот Скопје, односно на Јавното сообраќајно претпријатие, најави денеска вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.
Меџити без да прецизира од каде ќе бидат донирани автобусите, рече дека ова доаѓа по минатонеделната одлука на Владата да му даде нафта како позајмица на ЈСП „Скопје“ откако возилата останаа паркирани поради немање гориво.
Меџити во изјава за медиумите рече дека урбаниот транспорт е еден од главните фактори за аерозагадувањето и додаде дека Владата е пред одлука да купи од 100 до 120 електрични автобуси.
„Пред одлука сме Владата да купи од 100 до 120 електрични автобуси, кои потоа ќе бидат донирани на јавниот транспорт по општините“,
рече Меџити.
Според Меџити, проблемот со аерозагадувањето не е од денеска и дека треба да се насочат кон причините, а не кон последиците.
„Прво, природата направи овие денови Скопје и другите градови да бидат на врвот по загадувањето. Второ, ова не е од денеска, значи е подолго. Добро е што периодот кога имаме загаден воздух се стеснува. Трето, јас сум повеќе да се занимаваме со причините, отколку со последиците“,
изјави Меџити.
Освен урбаниот транспорт, Меџити како главна причина за аерозагадувањето го посочи греењето на домовите.
„Главен фактор е тоа што индивидуалните и колективните домувања се греат на сè и сешто, што не е по нивна вина. Мислиме во овој дел да го вратиме проектот за гасификација и да го тераме до крај. Тоа ќе биде прво што ќе придонесе за намалување на загадувањето, второ да се субвенционира и луѓето да се враќаат на централно греење, бидејќи тоа е уште почисто од гасификација“,
додаде Меџити.
Меџити, исто така, најави и промоција на уште еден проект за споделување возила, кој функционира во европските градови.
МЖСПП, нагласи Меџити, работи и презема мерки согласно одлука и акционен план од Владата.
Набавката на електрични автобуси викендов беше најавена од страна на премиерот Христијан Мицкоски.
Денеска, пак, Мицкоски даде дообјаснување дека за набавката на електричните автобуси до крајот на годината ќе биде распишан тендер. Мицкоски рече дека се утврдуваат условите, се подготвува техничката документација и оти се скенира пазарот.
Рокот за плаќање, рече Мицкоски, дека ќе биде на осум полугодишни рати или за четири години.
„Сите оние коишто ценат дека ќе треба да се пријават, нека се пријават, ќе ги дефинираме и условите на плаќање. Условите на плаќање ќе бидат такви да почнеме да ги отплаќаме некаде во првата половина од 2028 година на осум полугодишни рати, што ќе е во период од четири години или период од три години грејс период, така што мислам дека ќе биде добро. Го подготвуваме, техничката документација, очекувам до крајот на годината да се распише“,
рече Мицкоски.
Во однос на сегашната состојба со автобускиот превоз во Скопје и обвинувањата од градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска за политички опструкции, Мицкоски рече дека Владата интервенирала откако градот не успеал сам да најде решение за актуелниот проблем. Преку Бирото за јавни набавки краткорочно е решен проблемот со 250 илјади тони нафта кои, како што посочи премиерот, ќе бидат доволни за извесен период, но оти градот ќе треба трајно да го реши проблемот.
„Во еден телефонски разговор со градоначалничката ја замолив, преку претпријатието да достави до Бирото за јавни набавки барање, соодветно како што треба по закон, по процедура по којашто ќе бара скратена постапка по пат на преговарање. Бирото за јавни набавки откако го увиде барањето го анализира, констатира дека е согласно закон и одговори позитивно уште во четвртокот така што веќе денеска би требало таа процедура да ја почнат бидејќи 250 илјади тони ќе бидат доволни за десет дена, две недели, сепак ќе треба трајно да си го решат проблемот“,
додаде Мицкоски.
Минатата недела во Скопје дојде до колапс на јавниот автобуски превоз откако автобусите на ЈСП „Скопје“ останаа паркирани поради немање нафта.
Проблемот беше решен откако Владата на вонредна седница донесе одлука на Претпријатието да му биде дадено нафта од државните резерви.