Од Јавното претпријатие истовремено бараат локалното население да не се доведува во заблуда и паника дека депонијата го загрозува здравјето на луѓето и животната средина со пожарот, а најавуваат и правни постапки против оние што, како што велат, „шират лаги и дезинформации“

Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство (ОЈО), детално да го истражат денешниот пожар и да пронајдат и казнат сторители, бараат од Јавното претпријатие (ЈП) „Дрисла“ откако во депонијата во раните утрински часови (околу 4 часот) настана пожар кој по околу 4 и пол часа беше изгаснат.
Сега, велат оттаму, се работи нормално.
„Ситуацијата е ставена под контрола од страна на вработените на ‘Дрисла’ со помош на пожарникарски служби, пожарот е изгаснат и претпријатието продолжува со редовни активности. Од страна на полицијата направен е увид и записник и истата ќе постапува согласно своите ингеренции. Воедно ги повикуваме Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство детално да го истражат случајот и сторителите да бидат најдени и соодветно казнети, а против лицата кои шират лаги и дезинформации за депонијата ‘Дрисла’, од страна на претпријатието ќе бидат покренати соодветни постапки“,
велат од „Дрисла“.
Од ЈП истовремено бараат локалното население да не се доведува во заблуда и паника дека депонијата го загрозува здравјето на луѓето и животната средина со пожарот, а најавуваат и правни постапки против оние што, како што велат, „шират лаги и дезинформации“.
„Во врска со дезинформациите објавени изминатите неколку денови во дел од медиумите и особено на социјалните мрежи за депонијата ‘Дрисла’, Ве известуваме дека ЈП депонија ’Дрисла‘ е единствена санитарна депонија во државата која работи согласно А-интегрирана дозвола и своите работни активности ги извршува согласно сите законски прописи за управување со отпад и заштита на животната средина. Истовремено е под целосна контрола и мониторинг од страна на Државниот инспекторат за животна средина“,
велат од Јавното претпријатие.
За пожарот утрово први се огласија од Центарот за управување кризи (ЦУК) од каде што рекоа дека станува збор за „мал пожар“ и потврдија дека бил изгаснат. Од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) наведоа дека случајот преку електронска пошта и телефонски бил пријавен и кај нив од одговорно лице во депонијата, со оглед дека „Дрисла“ има таква обврска и потенцираа дека за причините за пожарот МВР води истрага.
*Поврзани вести:
