Поранешниот претседател и судија на Врховниот суд Јово Вангеловски и правосилно е разрешен од функцијата. Советот за жалба во Врховниот суд, кој одлучуваше во втор степен по неговото разрешување од Судскиот совет, одлучил да ја отфрли жалбата на Вангеловски.

Целото соопштение од Врховниот суд, кој одлуката ја донел вчера, гласи:
Жалбениот совет при Врховниот суд на Република Северна Македонија на вчерашната седница расправаше по повод поднесената жалба од поранешниот Претседател – судија Јово Вангеловски, поднесена против одлуката на Судскиот совет на Република Северна Македонија бр. 08-11/30 од 23.9.2019 година за негово времено оддалечување од вршење на судиска функција и функција претседател на суд. На седницата жалбениот совет донесе одлука со која жалбата на жалителот ја одби како неоснована и го потврди решението на Судскиот совет на Република Северна Македонија бр .08-11/30 од 23.9.2019 година.
се вели во кусото соопштение од Врховниот суд.
Рокови и одложувања
Судскиот совет го разреши Јово Вангеловски на седницата одржана на 10 септември 2019 година, откако две години телото не можеше да собере мнозинство за да донесе одлука. „Казната“ е за несовесно вршење на функцијата, затоа што Вангеловски и уште двајца други судии го „ослободија“ бизнисменот Сеад Кочан од притвор и му овозможија да се брани од слобода, во момент кога тој беше во бегство.
Согласно Законот за Судски совет, Вангеловски имаше и го искористи правото на жалба, по кое одлучува Совет за жалба во Врховниот суд. Тој совет беше формиран на 3 јануари 2020 година. Но, истиот закон предвидува и рок, одлуката по жалбата да се донесе за најмногу 30 дена.

Во случајот на Вангеловски, Советот за жалба ја донесе одлуката по повеќе од два месеца, односно со задоцнување од над еден месец. Основната причина, според упатени извори во Врховниот суд, е што токму Вангеловски користеше разни правни механизми кои ја одолговлекуваа постапката.
*поврзана вест Врховен не може да го најде Јово Вангеловски за да одлучи – дали ќе го разреши или ќе го врати на работа
*поврзана вест Одложена одлуката за разрешувањето на Јово Вангеловски
Уште пред првата седница на Советот, Вангеловски побара лично присуство, што му беше одобрено. Но, потоа, судот не можеше да го најде за да му изврши уредна достава на покана. Потоа, на првата седница, бараше нејзино одложување кое му беше одбиено, па потоа побара изземање на целиот Совет. Неколку дена подоцна поднесе и претставки против дел од судиите кои требаше да донесат одлука во Советот за жалба.
*поврзана вест Јово Вангеловски иницира разрешување на судии што треба да го потврдат неговото заминување од Врховен
*поврзана вест Разрешувањата на Јово Вангеловски и Рахилка Стојковска од понеделник повторно пред Советите за жалба
Кој одлучуваше за судбината на Јово Вангеловски
Согласно Законот за Судски совет, при жалба на судија кој е разрешен во прв степен од страна на Судскиот совет, одлучува деветчлен совет во Врховниот суд.
„Советот за жалба е составен од девет члена, од кои тројца судии на Врховниот суд на Република Северна Македонија, по еден судија од апелационите судови и двајца судии од судот од кој е судијата против кој е водена постапката“,
пишува во член 72 од Законот за Судскиот совет.
Во случајот на Вангеловски, тоа значеше дека од девет члена на Советот кој носи одлука со мнозинство од гласови, дури пет беа негови колеги од Врховниот суд. Тие пет судии беа:
- Беса Адеми – претседателка на Совет за жалба;
- Африм Фидани – судија известител;
- Цветанка Периќ;
- Мирјана Радевска-Стефкова;
- Стојанче Рибарев.
Претседателката на Советот за жалбата на Јово Вангеловски, Беса Адеми, е врховна судијка веќе 10 години. Со 2009 како година на избор, заедно со судијката Мирјана Радевска-Стефкова, имаат најдолг стаж во Врховниот суд меѓу сите останати членови на жалбениот совет.
Пред да дојде во Врховниот суд, судијката Беса Адеми судеше во скопска Апелација од 2004 година.

Таа конкурираше и за позицијата претседател на Врховниот суд кога во 2017 г., по вторпат, токму Јово Вангеловски ги доби гласовите во Судскиот совет. Нејзиното име и сега се споменува како сериозен кандидат за позицијата бидејќи Врховен во моментов има в. д. претседател.
Мирјана Радевска-Стефкова, која е член на жалбениот совет за Јово Вангеловски и претседателка на жалбениот совет за Рахилка Стојковска, е избрана за судијка првпат во 1996 година. Како и Беса Адеми, станува врховна судијка во 2009 година, но за разлика од нејзината колешка, таа никогаш не била апелациски судија, туку прави скок во кариерата директно од скопскиот Основен граѓански суд.

Радевска-Стефкова е сопруга на дипломатот Сашо Стефков, кој во 2010 стана амбасадор во Грција, а претходно беше советник за европски прашања во кабинетот на тогашниот премиер Никола Груевски. Судијката е и член на Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор (2017-2020 година). За тоа место беше избрана од своите колеги во Врховен, како претставник од тој суд во телото.
Африм Фидани, како и Радевска-Стефкова, е член на двата жалбени совета, со таа разлика што во случајот на Јово Вангеловски е и известител.

Тој е врховен судија од 2017 година, по шест години стаж во скопскиот Апелациски суд. Фидани има еден голем „скок“ во кариерата, кога станува апелациски судија во 2011 година директно од адвокатура.
Слично како Фидани, и Цветанка Периќ ќе има право на глас во двата совета, оној за жалбата на Вангеловски и на Стојковска. Таа е членот со најкраток стаж во Врховниот суд, бидејќи беше избрана за врховна судијка во втората половина на 2019 година.

Дојде од скопска апелација каде што е избрана во 2011 година. Првпат е избрана за судијка во 2005 година и е една од ретките меѓу врховните судии кои делеле правда во сите три степени – Основен, Апелациски и Врховен суд.
Судијата Стојанче Рибарев е последниот член на жалбениот совет за разрешувањето на Јово Вангеловски. Како и судијката Периќ, тој е еден од ретките во судот со искуство во трите степени на судството.

Во Врховниот суд е од 2016 година, по 14 години поминати во штипска апелација. Првпат е избран за судија во 1996 година.
Неговото име беше експонирано во јавноста во 2017 година. Судскиот совет го назначи за в. д. претседател на Основниот суд Скопје 1, само три месеци пред СЈО да ги поднесе своите обвиненија. Рибарев издржа само шест месеци на позицијата од која самиот даде оставка. Непосредно пред таквиот чекор СЈО направи претрес во судот за употребата на АКМИС-системот и за делењето предмети на рака во времето на поранешниот претседател на судот Владимир Панчевски.
На ред е Рахилка Стојковска
Покрај Јово Вангеловски, на истата седница на Судскиот совет на 10 септември 2019 година беше разрешена и судијката Рахилка Стојковска. Таа го следеше Јово Вангеловски во сите чекори, од жалбата, до барањата за одложување и изземања. За неа, Советот за жалба ќе одлучува во петок, на 13 март. Петте врховни судии во Советот кој ќе носи одлука за нејзината жалба се речиси истите кои ја носеа одлуката за Вангеловски, со таа разлика што судијата Шпенд Деваја е судија известител, а во Советот ја нема судијката Беса Адеми.
Последниот, трет, врховен судија без кој Сеад Кочан немаше да биде „ослободен“ од притвор е Ристо Катавеновски. Него, Судскиот совет, го разреши на седницата на 27 јануари 2020 година. Засега нема информации дали и Катавеновски поднел жалба и ако го направил тоа, дали е формиран Совет за жалба.