Според Јовески, неблагодарно е да се прогнозира кога ќе има конкретен обвинителен акт. Многу поважно е, како што нагласи, да се дојде до вистината, односно до релевантни податоци – кој што направил во конретното дело
Можно е во некоја од соседните земји да има вештачење за случајот „Онкологија“. Соработката со Косово и Албанија е сè уште во рамки на размена на информации, но што ќе покаже таа соработка, засега е отворено прашање, соопшти државниот јавен обвинител Љубомир Јовески на денешната собраниска Комисија за финансирање и буџет на која се разгледува ревизорскиот извештај за Клиниката за онкологија.
Според Јовески, неблагодарно е да се прогнозира кога ќе има конкретен обвинителен акт. Многу поважно е, како што нагласи, да се дојде до вистината, односно до релевантни податоци – кој што направил во конретното дело.
„Сложеноста на предметот налага дека ќе има повеќе вештачења. Сè уште нема одлука, има идеја тоа да се врши во една од соседните земји и воопшто Обвинителството никогаш тоа прашање не го поставувало, имавме вештачење и од германски експерти. Соработката со Косово и Албанија е сè уште во рамки на размена на информации. Ако Обвинителството презема такви дејства, јасна е неговата намера да го истражи случајот до крај – дали евентуално одредени лекови или медицински материјали завршувале надвор, како завршувале и на кој начин, да прибави соодветни докази од тие земји и во тој дел сега се остварува таа соработка. Што ќе покаже соработката е отворено прашање, но ве уверувам дека ЈО максимално се посветува на расчистување на сите овие прашања за кои денеска зборувавме со пратениците. Сите сме свесни за тежината на случајот и сите сакаме да се дојде вистината, тој што сторил, да сноси одговорност, а најголема сатисфакција ќе биде да се врати довербата на луѓето што се борат за живот“,
рече Јовески.
Обвинителството не импровизира, туку работи по план, програма и насоки, нагласи државниот јавен обвинител.
„Во овој случај е ангажиран целиот истражен центар и никој не може да бара обвинение за 20 или 30 дена. Запленета е обемна писмена и електронска документација која бара експерти за утврдување факти. Ние тука можеме врз основа на трагедијата на луѓето да бараме публицитет или гласови. Но, извинете, јас се оградувам од тоа и не сум ви соговорник во таква работа. Оставете на мир, професионално да го работиме предметот, а кој рекол и што кажал, во ходници може да се зборува, надвор од оваа сала“,
рече Јовески.
Тој неколку пати повтори дека констатираните неправилности за работата на Клиниката за онкологија во ревизорскиот извештај не се предмет на оценка на Јавното обвинителство (ЈО). Предмет на оценка на ЈО, потенцира Јовески, се дејствата во кои има кривично дело и сторител на кривично дело.
„Ние не се занимаваме со тоа кој како набавувал, дали набавувал, дали била целта на набавува. Да го расчистиме случајот ‘Онкологија’ до крај во интерес на јавноста, пациентите, болните, нивните семејства и во интерес на докторската фела. Ве уверувам дека ќе работам на тоа“,
дополни Јовески.
Обидувајќи се да им објасни на пратениците од опозицијата која е надлежноста на Обвинителството, Јовески укажа и дека не секое трошење пари или секоја неправилност е кривично дело и дека за таквите случаи, повторно, не е надлежно ЈО. За тоа, нагласи, постојат други институции во државата кои се овластени да казнуваат или да менуваат закони.
Според него, во однос на тоа кој сѐ ќе биде сослушан и дали ќе биде сослушан министерот за здравство, како и кога тоа ќе се случи, ќе проценат обвинителите кои го водат случајот.
„Сите граѓани пред Уставот се еднакви. За нас не е битно и одлучувачки кој каква функција извршува, туку колку може да ни помогне во обезбедување докази“,
подвлече обвинителот.
Тој напомена и дека ревизорскиот извештај, што е тема на седницата на Комисијата, е само еден од доказите за „Онкологија“.
Комисијата ќе ја продолжи седницата в понеделник.