Државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески, за Алсат вели дека ги следи сите написи поврзани со случајот „Рекет“, но смета дека без конкретен доказ или имиња, информациите остануваат на ниво на шпекулација. Јовески ги повикува сите што имаат каков било доказ да го достават.
„Обвинителството уште еднаш нагласува дека не располагаме со други податоци, за други имиња инволвирани во ‘Рекет’. Доколку некој друг располага, нека ги достави до обвинителството за да постапува. Ги имаме предвид сите написи, но доколку некој посочи конкретен доказ, документ, ние сето тоа ќе го прибавиме и ќе постапуваме. Предметот се води неселективно“,
вели Јовески.
Вчера порталот „Вечер“, повикувајќи се на “свои сознанија”, објави дека Боки 13 во исказ пред обвинителката Русковска кажал дека парите од рекетот ги предал на луѓе блиски до Заев, но демантот за такво сведочење стигна лично од обвинителката, која рече дека Боки 13 во исказот што го дал пред Нова Година не спомнал ниту едно име. Паралелно со „Вечер“, и новинарот Бранко Героски во колумна, реферирарајќи се на тие сознанија, без да прецизира имиња, напиша дека ако обвинетите „пропеат“, ќе се дознаело за поврзаност во „Рекет“ на уште пет луѓе блиски до власта.
Јовески ги отфрла како шпекулации и тврдењата дека Боки 13 барал да го спроведат кај него за да сподели доверливи информации. Републичкиот обвинител вели дека Боки 13 досега му се обратил со писмен допис само еднаш, во кој се жалел на лошата здравствена состојба.
„Ваква средба не барал. Бојан Јовановски сега е во судница и доколку сака, има факти или околности, сите може да ги изнесе јавно и на судско рочиште“,
вели Јовески за Алсат.
Судскиот процес за „Рекет“ е во тек за обвинетите Бојан Јовановски и Катица Јанева, откако Зоран Милевски веќе призна вина и доби три години затвор. Пред два дена поднесено е обвинение и против Меѓународниот сојуз како правно лице. И во овој случај првообвинет е повторно Бојан Јовановски, кој како претседател на организацијата, се товари за измама и за перење пари. Обвинението ги опфаќа како помагачи во измамата и пратеничката Фросина Ременски, заменик-претседателката на Сојузот, како и асистентката на Боки 13, Христина Блажевска. За помагање во делото перење пари, покрај Јасна Мандиќ и Блажевска, обвинет е и таткото на Боки 13, Миле Јовановски. За ова обвинение, пратеничката Ременски реагираше дека целта била нејзина политичка елиминација.
*Поврзана вест: Колумната на Героски, реакциите на Кабранов и Ордановски и демантот на Русковска
*поврзана вест: Русковска: Боки 13 не спомена ниедно име во последниот исказ