Бојан Јовановски, познат како Боки 13 вечерва откри повеќе детали за како што ги нарече „чаршиските муабети“ кои кружат за него, откако откри дека тој стои зад псевдонимот „Коки“ во колумните на новинарот Бранко Геровски за изнуди од бизнисмени.
Во интервјуто за 1ТВ тој говореше дека се зборува дека Орце Камчев снимал непристојни предлози од Јовановски.
„Јордан Камчев го познавам долги години. Изминатава година соработуваме, се рекламира на оваа телевизија. Можам да кажам само дека мене како негов медиумски соработник не ми е забрането да се гледам со него. Сум се гледал со него кога излезе од затворскиот случај за „Империја“. Околу фамозните приказни за куферите со пари ги отфрлам како невистините. Доколку ме снимал е направено незаконски и е кривично дело и доколку дојде до такво нешто, во свое време ќе го дадам соодветниот одговор. Од оваа дистанца можам да кажам дека ништо што е против законски или злоупотреба на некоја институција и информација не е искористено против него“,
рече Јовановски
Набрзо по оваа изјава, пренесува 1ТВ, Јовановски говереше за вработувањето на синот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во 1ТВ.
„Лазар Јанев е квалитетно момче кое има завршено правен факултет и е исклучително солиден во правниот сектор. Педантно си ја работи својата работа, секој би требал да посака таков човек да работи во неговата компанија. Поврзувањето е дека со Катица и Лазар сме злоупотребувале клиенти за телевизија. Доколку сме тргнале тоа да го правиме сме требале до сега да направиме партал. Јас испаднав најсериозен фактор во државата. Колку што сум бил лице за потсмев одеднаш почнав да им сметам на големите и бараат причина да ме дискредитираат до мера некој да не сака да работи во оваа телевизија“,
вели Јовановски.
Настапот на Бојан Јовановски доаѓа неколку часа откако приказните за наводни случаи на изнуда од бизнисмени и политичари предизвикаа дебата во Собранието, изјави од премиерот Зоран Заев и реакции од Обвинителството.
Повеќе детали за денешните случувања на темата можете да прочитате ТУКА.