Ќе беше супер ако во Собранието влезеше нова партија, подобра од постојните, наднационална, која се залага за правда, за еднаквост, за сиромашните, за работниците, за обесправените. За жал, партијата која сега се претставува како Левица нема ништо од ова, реагира на својот профил на Фејсбук поранешниот член на Левица, Бранимир Јовановиќ.
Јовановиќ ја оцени партијата како фашистичка, а лидерот Апасиев го нарече диктатор.
„Оваа партија својата популарност ја изгради на анти-албанска реторика и на националистичкото мото „името не го даваме“. Водена е од класичен диктатор кој ја презема партијата со фалсификат и сега им пушта кривични пријави на сите кои не мислат исто како него. Постојано користи говор на омраза и повикува на насилство, шири сексизам, мизогинија, исламофобија. Добива донации од десетици илјади евра од сомнителни фирми, покрај 220-те илјади евра од државата. И уште не влезен во Собрание, се заканува со стрелање. Да, СДСМ разочараа, не донесоа правда и се здружија со олигарсите. Да, ВМРО се националисти кои не сакаат да расчистат со криминалното минато. Да, ДУИ се опортунисти, кои зад превезот на национализмот, гледаат само тендери. Но оваа „Левица“ е најлоша од сите. Оваа „Левица“ е екстремно десна, национал-социјалистичка, фашистичка. Затоа мораме сите да се спротивставиме одлучно на ова зло, пред да стане предоцна“,
напиша Јовановиќ.
Јовановиќ беше дел од претходното раководство на партијата, а подоцна стана советник на тогашниот министер за финансии Драган Тевдовски.