Според шефот на кабинет на украинскиот претседател, основа на разговорите треба да биде мировниот план од 10 точки на претседателот Володимир Зеленски, но, како што додава Јермак, нивната страна е подготвена да ги слушне и предлозите на сите оние земји кои го почитуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина
Прашањето е повеќе кога, отколку дали ќе се одржи меѓународен мировен самит за решавање на конфликтот меѓу Русија и Украина, вели шефот на кабинет на украинскиот претседател Андриј Јермак, пренесува „Гардијан“.
Тој на својот профил на Телеграм објави дел од интервјуто за новинската агенција Интерфакс, во кое говори за можноста за одржување мировен самит, чија основа, вели, треба да биде планот од 10 точки на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Мировен самит е потребен денеска. Секој го разбира овој факт. Исто така, сите го прифаќаат како апсолутно логичен и фер аргумент тоа дека основата (на разговорите) треба да биде украинскиот мировен план од 10 точки на претседателот Зеленски. Сега позицијата на Украина е јасна. Нашиот план е основата, но ние сме подготвени да ги слушнеме сите оние земји кои го почитуваат нашиот суверенитет и територијален интегритет. Подготвени сме да прифатиме некои елементи од други предлози“,
вели Јермак во објавата.
Според него, идеално би било мировниот самит да се одржи во јули.
„Во моментов се поставува прашањето каде и кога да се одржи мировниот самит. Секако, сакаме да се одржи што е можно поскоро. Јули би бил идеален. Во моментов се водат консултации во врска со ова. Многу е важно што ова да биде самит на кој дефинитивно би учествувале и лидерите на глобалниот југ. И, според моето чувство, многу сме блиску овие консултации да бидат успешни. Очекуваме голем број учесници на самитот“,
наведува шефот на кабинет на украинскиот претседател.
За потсетување, мировниот план предложен од Зеленски за Украина ги содржи следните 10 точки:
- Радијациска и нуклеарна безбедност
- Безбедност на храна
- Енергетска безбедност
- Ослободување на сите затвореници и депортирани
- Враќање на територијалниот интегритет на Украина и негова реафирмирање од страна на Русија
- Повлекување на руските трупи и прекин на непријателствата, обновување на државните граници на Украина со Русија
- Правда и формирање на специјален трибунал за гонење на руските воени злосторства.
- Превенција од екоцид
- Спречување на ескалација на конфликтот
- Потврда за крајот на војната, вклучувајќи документ потпишан од инволвираните страни