Ова е јасен сигнал дека ЕУ конечно и јасно го маркира еден од своите приоритети во контекст на геополитичките случувања изминатите години, порача Филипче
Не е случајно што пораките од Тиват се јасни и отворени, се разобличуваат лагите на авторитарните режими, како кај нас така и во регионот, дека во Европа не не сакаат и дека ЕУ нема намера да продолжи со процесот на проширување, вели лидерот на СДСМ Венко Филипче, во однос на политичките пораки од самитот ЕУ-Западен Балкан. Според Филипче, Франција и Германија упатиле јасна порака дека не треба да им е верува на лажните анти-ЕУ пропаганди и кампањи.
„Затоа канцеларот Мерц јасно, гласно и недвосмислено кажува – вие сте добредојдени во ЕУ и со тоа се разобличува уште една од низата лаги на премиерот Мицкоски и ВМРО-групата изминативе две години, дека што и да направиме во Европа не сме добредеојдени. Ова е јасен сигнал дека ЕУ конечно и јасно го маркира еден од своите приоритети во контекст на геополитичките случувања изминатите години“,
вели Филипче.
На прес конференцијата во рамки на меѓународната конференција „Скопска иницијатива“ Филипче порача и дека процесот на европска интеграција влегува во клучна фаза која државата не смее да ја пропушти.

„После вчерашниот самит за Западен Балкан на Европската Унија во Тиват во којшто за првпат вака јавно и во оваа форма сите земји членки на Европската Унија кажуваат дека Западниот Балкан припаѓа во Европа, нудат механизми за првпат со коишто се олеснува нашата евроинтеграција и со коишто бенефитите од членство се добиваат многу повеќе и се чувствуваат дури и за време на преговорите, а не откако земјата ќе стане членка на Европска Унија. Сметам дека ова е врата која треба да ја искористиме отворена во оваа форма. Да не ја испуштиме шансата затоа што сепак станува збор за иднината на државата, за благосостојбата и квалитетот на живот на граѓаните кои живеат тука, коишто со децении го чекаат овој момент“,
кажа Филипче.
