Јапонија ја забрзува вакцинацијата со оглед дека засега има едно од најниските нивоа на имунизација меѓу развиените земји. Од 125 милиони жители, првата доза од вакцината ја примиле само 4,4 проценти
Јапонија од денеска отвори центри за масовна вакцинација против ковид-19 со цел да вакцинира што е можно поголем процент од возрасното население пред почетокот на Олимписките игри во Токио закажан за 23 јули.
Од денеска се отворени уште три други центри, но со нив управуваат локалните власти во Аичи, Мијаги и Гунма.
Јапонија ја забрзува вакцинацијата со оглед дека засега има едно од најниските нивоа на имунизација меѓу развиените земји. Од 125 милиони жители, првата доза од вакцината ја примиле само 4,4 проценти.
Покрај нискиот процент на имунизација, Осака, кој е втор по големина град, во моментов се соочува со бран од нови инфекции со коронавирусот и според новинските извештаи, болниците остануваат без кревети и вентилатори, а лекарите веќе во неколку наврати бараа ново одложување на Олимписките игри.
Од друга страна, пак, организаторите не попуштаат. Шефот на координативната комисија на Олимпијадата, Џон Коутс, пред неколку дена на состанокот на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) порача дека игрите во Токио ќе се одржат дури и ако биде прогласена вонредна состојба во главниот град на Јапонија. Објаснувањето е дека тест-турнирите кои се организираа во пет спортови успешно поминале иако земјата беше во вонредна состојба.
Исто така, организацискиот комитет на Олимпијадата соопшти дека и тестирањето за коронавирус ќе биде редовно за сите учесници на Игрите.
„Ние ја поздравуваме вакцинацијата на учесниците на Игрите, но не се потпираме целосно на тоа. Тестирањето ќе биде редовно, без оглед на тоа дали спортистот или друг учесник на игрите, е вакциниран. Редовното тестирање е она на што се потпираме“,
рече Коутс.
Олимписките игри во Токио ќе се одржат од 23 јули до 8 август.