ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Министерството за внатрешни работи местело тендери за пневматици и при јавната набавка се фаворизирал еден понудувач. Пратеникот Игор Јанушев на прес-конференција објави дека помошник-министерот за јавни набавки во 2019 година менувал спецификации за огласот и правел притисок врз службениците во МВР, а за тоа постоела и службена белешка.
„До нас пристигнаа информации кои фрлаат сомнеж дека така ‘скроена’ спецификација е направена при распишување на оглас за набавка на пневматици од страна на МВР, кој бил распишан на 09.10.2019 година, а за кој имаме сомнежи и информации доставени од свиркач дека помошник-министерот во МВР задолжен за јавни набавки – Андријана Савеска Павловска, вршела притисок врз лицата кои го изготвуваат огласот да ја променат спецификацијата, со што таа би можела да фаворизира еден понудувач“,
изјави Јанушев.
Според Јанушев, посочената Савевска Павловска во тој момент не му била надредена на лицето што ги подготвувало тендерската документација и огласот, а за притисокот бил известен и тогашниот помошник-министер кој е сега во пензија, но од МВР, како што рече, две години се молчело за овој случај.
„Со одлука на МВР тендерот е добиен од страна на ‘Пнеуматик груп’ ДОО Скопје, врз основа на најниска понуда, но по жалба од ‘Мотоцентар’ жалбата се усвојува и се враќа на повторно одлучување, по што МВР повторно одлучува исто и повторно го избира ‘Пнеуматик груп’ ДОО Скопје. ‘Мотоцентар’ уште еднаш се жали, но повторно неуспешно, за на крај МВР да ја поништи постапката и повторно да распише нов оглас“,
додаде Јанушев.
На новиот оглас, кој е распишан на 16.3.2021 година, повторно е избрана фирмата ‘Пнеуматик груп’ ДОО Скопје, а одлуката повторно е во постапка по жалба, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.