Од страна на власта набавен е систем за следење на комуникациите, преку кој имаат можност за пристап до буквално целиот интернет сообраќај во државата, на било кој уред, на било кој телефон, на било кој оператор, на било кое лице – приватно или службено, како и можност за пристап до било кој уред, односно телефон со т.н. малициозен софтвер, обвини пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев. Тој вели дека за „Големиот брат“, односно нелегалното следење и надзор на комуникации нема демант и по 20 часа откако ги споделил тврдењата вчера на седницата за пратенички прашања.
„Во Членот 2 од Законот за следење на комуникациите е наведено дека за производство, нудење на продажба, продажба, увоз, извоз, реекспорт или држење на средства за следење на комуникациите мора претходно да се добие одобрение од МВР! МВР нема издадено такво одобрение! И постои таков документ на кој е потпишан токму Спасовски во кој изречно се тврди дека МВР нема дадено одобрение! Понатаму, согласно член 62 од Законот за следење на комуникациите, МВР е исклучиво надлежна да изврши контрола над спроведување на одредбата од член 2! МВР нема извршено никаква контрола! И Спасовски лаже дека одговорил на сите писмени барања кои му се упатени во врска со овој случај бидејки пред околу 2 месеца лично јас му пратив барање за оваа информација на која се уште нема одговорено“,
вели Јанушев.
Според Јанушев, МВР и Спасовски знаеле за набавката, но не преземале ништо , а уверува дека и државниот обвинител Љубомир Јовевски имал информации и не само што не отвориле истрага, туку се обидуваат да го прикријат случајот.
„Се сомневаме дека овој систем веќе е во употреба речиси една година и истиот се користи за нелегално прислушување. Оградувањето дека станува збор за класифицирани информации е само криење и паника бидејќи се фатени на дело“,
додава Јанушев.
Оваа набавка е кривично дело со тоа што е спроведена на незаконит начин бидејќи е спроведена без одобрение на МВР што е задолжителен елемент и без кој не ни смеела да почне постапката за набавка, вели Јанушев.
„Имаме и пречекорување и злоупотреба на функцијата од оние кои ја потпишале, односно одобриле и спровеле набавката, а прекршени се и неколку други одредби од Законот за следење на комуникациите – особено што со овој систем се дава можност за масовно прислушување и прекршување на основните човекови права на ниво кое што до сега не е видено во Македонија. Спасовски и Ковачевски треба веднаш да излезат пред македонската јавност и да дадат одговори пред народот“,
потенцира Јанушев на денешната прес-конференција.
Вчера министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски како одговор на пратеничко прашање рече дека се работи за набавка на ОТА, а не на МВР. Информациите според него се класифицирани, но уверува дека не постојат можности за прислушување без судска наредба.