Платата ќе биде исплатена во наредните денови, во согласност со Колективниот договор и утврденото покачување од пет отсто за административните службеници во кабинетот, велат од кабинетот на шефот на државата
Најдено е решение помеѓу институциите Претседател на Република Северна Македонија и Министерството за финансии за исплата на плата за претседателот и вработените во кабинетот на претседателот за јануари 2023 година, информираат од кабинетот на шефот на државата Стево Пендаровски.
Платата ќе биде исплатена во наредните денови, во согласност со Колективниот договор и утврденото покачување од пет отсто за административните службеници во Кабинетот, додаваат оттаму.
„Постигнатото решение предвидува внатрешна прераспределба на средства во рамките на постоечкиот и одобрен буџет за 2023 година за кабинетот. Со ова решение целосно се почитува Колективниот договор, а уште еднаш повторуваме дека претседателот, именуваните лица и посебните советници не добиваат покачување на плати“,
се наведува во соопштението од кабинетот на претседателот Пендаровски.
Како што претходно објавивме, претседателот Стево Пендаровски и вработените во неговиот кабинет сè уште не зеле плата за минатиот месец, иако таа требала да им легне на сметките на 1 јануари. Образложението што го добиле од Министерството за финансии е дека во буџетот за 2023 година нема дополнителни средства за исплата на плати за вработените во кабинетот на претседателот што од кабинетот на шефот на државата го сметаат за неосновано.
„Кабинетот на претседателот во согласност со потпишаниот Колективен договор со Синдикатот на вработените, предвиде покачување на плата од пет отсто само за државните службеници кои се вработени во кабинетот на претседателот. Ова покачување не се однесува за претседателот, именуваните лица и посебните советници во кабинетот. Средствата за буџетот во 2023 година се обезбедени преку сопствени заштеди во буџетот на нашата институција и за ова не се побарани дополнителни средства од Министерството за финансии“,
посочија од кабинетот на Пендаровски.