Највисоката температура изнесувала 19,9 степени, и тоа во Демир Капија, а најниската била забележана во Берово со минус 7,4
Јануари 2023 година бил екстремно топол месец во споредба со просечните температури од изминатите години. Месечната температура се движела од 0,9 Целзиусови степени во Маврово до 7,6 во Гевгелија. Во споредба со просекот за јануари во периодот од 1991 до 2020 година, годинава бил за 3,3 Целзиусови степени степени над просекот.
Од УХМР велат дека во втората декада од јануари биле забележани високи максимални и минимални температури што не се карактеристични за тој период и во периодот од 17 до 24 минатиот месец имало продор на топлотен бран.
Највисоката максимална температура била измерена на 18 јануари и тоа во Демир Капија со 19,9 степени. Најниската температура, пак, била регистрирана на 7 јануари во Берово и изнесувала минус 7,4 степени.
Иако бил екстремно топол, рекордот за максимална измерена температура, според податоците на УХМР, го држи јануари 2018 година кога во Гевгелија биле измерени 20,3 степени.