„Не се чувствувам виновна и знам дека обвинителството нема никакви докази против мене“.
Со овие зборови поранешната специјална обвинителка Катица Јанева ги започна воведните зборови во случајот „Рекет“ каде што таа е второобвинета за злоупотреба на службената положба и овластувања.
„Се надевам дека без предрасуди ќе ги разгледате сите докази, се надевам не се плашите од заканите на јавната обвинителка за тресење од гаќи и ќе ме ослободите“, рече Јанева.
Во воведните зборови, Јанева најмногу зборуваше за СЈО, за тоа што работеле и дека работеле законски.
„Горда сум на СЈО и на тимот што го водев и на сите предмети што произлегоа оттаму. Имав чест да формирам тим обвинители, истражители и стручен кадар. Заедно со нив изработивме 171 предмет, кои се предадени во Јавното обвинителство. Се надевам дека сите овие предмети ќе имаат законска завршница, дека сите обвинители ќе продолжат со оваа работа и дека сите ќе останат во функција на борбата против криминалот. Како специјален обвинител одговорно тврдам дека постапував законски и сè што направив ќе биде основа за изучување на идните генерации. Јас како специјален обвинител изминатите четири години се изложив самата себе и фамилијата на висок ризик. Но, не се жалам, горда сум. Сè уште одам со крената глава“, рече Јанева.
Со воведните зборови на Јанева заврши денешното прво судското рочиште за „Рекет“.
Наредното ќе се одржи в петок кога како сведоци ќе бидат повикани Јордан и Ана Камчеви.
По завршувањето на денешното рочиште, Јанева ќе биде спроведена во куќен притвор, додека Јовановски во затворот во Шутка. Во судот останува Зоран Милески-Кичеец кој призна вина и за него судот ја раздвои постапката.