Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, во првото обраќање пред јавноста по обелоденувањето на аферата „Рекет“, тврди дека не е вмешана во случајот. Вели дека не било лесно да се следи, како што го нарече, јавниот линч против неа, но дека се повлекла од јавноста за да не врши притисок врз истрагата. Според Јанева причина зошто нејзиното име се поврзува со рекетирањето бизнис-моќници е поради тоа што некој го злоупотребувал нејзиното име.
„Најодговорно тврдам дека ниту свесно, ниту несвесно, ниту со сторување или несторување, не сум ја злоупотребила должноста која во моментов се уште ја извршувам. Јавно ги охрабрувам правосудните органи до крај да ги расчистат сите околности за конкретниот случај. Да, точно е дека јас, како и многу други лица кои во моментов се на различни државни функции се познаваме со лицето Бојан Јованоски. Никогаш не сум криела дека мојот син работи во 1ТВ и дека заради описот на неговото работно место на дневна основа комуницира со лицето. Но, ова не значи дека некој стекнал право да ја злоупотребува мојата службена должност и овластување за евентуално да остварува одредени привилегии или да презема незаконити дејствија. Очекувам низ една транспарентна правосудна постапка да се стави крај на сите неофицијални информации со кои некој се обидува да и наштети на мојата чест и на мојот углед. За жал, подолг временски период до мене допираат гласови дека не само Бојан Јовановски, туку и многу други, без да знам го злоупотребуваат моето име и презиме за различни цели“,
изјави Јанева пред новинарите.
Јанева која поднесе оставка од функцијата шефица на СЈО, го охрабри обвинителството во понатамошната работа.
„СЈО е поголемо и позначајно од мојата сегашна функција. Ова обвинителство беше, е и верувам дека ќе остане симбол на беспоштедна битка. Оставам во наследство десетина отворени истраги, подготвени за брзо процесуирање. Убедена сум дека токму тие предмети ќе и дадат одговор на јавноста, зошто некој се обидуваше да го спречи мојот реизбор и да го сруши кредибилитетот на СЈО“,
рече Јанева.
Таа денеска за првпат се појави во јавноста по обелоденувањето на истрагата за аферата „Рекет“ минатата недела, кога истовремено поднесе и оставка.

Во случајот „Рекет“ осомничени и притворени се Бојан Јовановски (Боки 13) и Зоран Милевски (Кичеец) кои се гонат за трговија со влијание и перење пари. Рекетирале лице осомничено во случај на СЈО повикувајќи се на блискост и влијание врз „јавен обвинител“ – услуга за која од познатиот бизнисмен, човек со релации и со претходната и со актуелната власт, барале 8 милиони евра. Јанева не е осомничена во истрагата, но досега Обвинителството и одзема два мобилни телефона за да провери нејзината комуникација со првоосомничениот Боки 13.