Со пронаоѓањето на бегалецот, порача директорот на Бирото за јавна безбедност, не завршува и обврската за целосно расчистување на случајот, утврдување на пропустите и лоцирање на одговорноста
Секој што со своето постапување или непостапување придонел за бегството на кочанецот Александар Лазаров од станицата во Кочани ќе сноси одговорност согласно закон и утврдените процедури – порача директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, откако лицето вчера беше пронајдено и приведено

Со пронаоѓањето на бегалецот, вели Јанев, не завршува и обврската за целосно расчистување на случајот, утврдување на пропустите и лоцирање на одговорноста.
„Должни сме да бидеме отчетни, транспарентни и да постапуваме со интегритет. Без разлика што лицето е повторно лишено од слобода, пропустите мора да бидат утврдени, а одговорност мора да има. Законот важи за сите – правдата стигнува, а одговорност ќе има за секој пропуст“,
порача директорот на БЈБ во објава на Фејсбук.
Во врска со апсењето на кочанецот, Јанев им заблагодари на колегите и раководството на СВР Скопје за, како што вели, брзото, посветено и професионално постапување со кое преку овој случај покажале и потврдиле дека полицијата има капацитет и решителност да се справи со секој предизвик.
„Овој случај уште еднаш потврди дека секој што бега од правдата порано или подоцна се соочува со законот. Никој не е недопирлив и никој не може трајно да избега од одговорност“,
додава Јанев.
Претходно денеска, од Министерството за внатрешни работи информираа дека вчера е приведен 41-годишниот кочанец Александар Лазаров кој се бараше со централна и меѓународна потерница откако избега од полициската станица во Кочани, каде што бил приведен поради сомненија за трговија со дрога.
