Тие доаѓаат на местата на пратениците Синиша Стојаноски и Бобан Николовски кои беа именувани за директори на ГОБ „8 Септември“ односно на Царинската управа
Државната изборна комисија (ДИК) денеска со допис ги известила Јане Мицевски и Малиша Станковиќ – кандидати за пратеници од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ – оти се следни на листата на пратеници во првата и втората изборна единица кои влегуваат во парламентот. Тие доаѓаат на местата на пратениците Синиша Стојаноски и Бобан Николовски кои беа именувани за директори на ГОБ „8 Септември“ односно на Царинската управа.
„ДИК ја одржа 109-тата седница на која го разгледа известувањето доставено од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија со кое информира дека Собранието на седницата одржана денеска констатира дека на избраните пратеници Синиша Стојаноски и Бобан Николовски од Коалицијата ‘Твоја Македонија’ предводена од ВМРО-ДПМНЕ им престанува мандатот на пратеници согласно чл. 152 од Изборниот законик“,
информираат од Државната изборна комисија.
Јане Мицевски ќе дојде на местото на досегашниот пратеник Синиша Стојаноски, кој сега е назначен на директорската позиција во Градската општа болница „8 Септември“, а Малиша Станковиќ во Собранието ќе влезе на местото на Бобан Николовски кого Владата неодамна го именува за директор на Царинската управа.
„Согласно ова, ДИК издаде уверенија за избрани пратеници во Собранието на Република Северна Македонија“,
соопштија членовите на ДИК на денешната седница.
Претходно денеска, Собранието констатира дека на Синиша Стојаноски и Бобан Николовски им престанува пратеничката функција.