Адвокатите во случајот ТНТ, пред сè Јовица Страшевски, кој е нов бранител на ексградоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски, и по паузата од два часа упорно бараа судот да им даде повеќе време да направат увид во предметот чии списи се околу 20.000 страници.
„Ме ставате во подредена положба утре да добијам кривична пријава од клиентот поради несоодветно бранење“, рече Страшевски, кој потоа посочи дека не мора да добие неколку дена, туку неколку часа.
Страшевски од вчера му е адвокат на Трајковски откако ексградоначалникот вчера изјави дека му го откажал полномошното на довчерашниот адвокат Боро Тасевски.
Страшевски вчера не дојде на рочиште зашто имал закажано судење во Кичево.
По забелешките дека немал време да го разгледа предметот, судијата Огнен Ставрев го праша зошто тогаш се нафатил, а во натамошната дискусија се вмешаа и останатите адвокати.
„Зашто сметал дека ќе ги има законските можности да направи увид во предметот“, дофрли еден од нив.
На негова страна застана и еден од адвокатите по службена должност кој брани две обвинети од Општина Гази Баба. Тој рече дека адвокатската етика не му дозволува да не го поддржи колегата кој навистина немал време.
Не молчеше ниту обвинителот Бурим Рустеми.
„Сметам дека денеска ангажираниот адвокат е член од групата што врши опструкции, од проста причина што знаеме дека обвинетиот Тони Трајковски му откажал полномошно на стариот адвокат, бидејќи наводно се скарале, бидејќи адвокатот не му кажал дека следниот ден треба да даде изјава. Сметам дека целта е да се одолговлекува постапката, а од тоа произлегува дека адвокатот станува дел од групата што намерно ги повредува правата на обвинетите и оштетените и сметам дека судот не треба да го дозволи ова и да пристапи кон казнување“, рече Рустеми.
Со неговиот коментар уште повеќе се вжешти атмосферата. Адвокатите се навредија затоа што рекол дека се дел од некоја група, па бараа извинување.
„Некоректно е да ме именува како дел од некоја група, тоа е исто како јас вас да ве именувам дека сте дел од групата на Катица Јанева или од таа група која сведочеше во ’Рекет’”, возврати адвокатот Страшевски.
По дискусија од 40-ина минути, судијата Ставрев пресече и му порача на адвокатот Еленко Миланов да почне да го испрашува својот клиент, ексминистерот Миле Јанакиески.
Јанакиески: Магарето замина сега удрија на самарот
За време на сведочењето на Јанакиески од околу три часа, најголемо внимание предизвика неговиот исказ како одговор на прашањето за тоа какви релации имал со семејството Цаноски. Јанакиески рече дека бил близок со Сафер Цаноски, кој дури му бил и на свадба. Тој генерално за бизнисмените рече дека гледаат да бидат на страната на партијата на власт и за членовите на семејството Цаноски посочи дека порано биле поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, а откако им зачкрипиле односите станале блиски со СДСМ.
„Јас најмногу бев навреден од нив кога кажаа дека јас сум сакал да го рушам ‘Космос’ заради мои бизнис интереси. Последните три-четири години Миле Јанакиески е омилен лик и на СЈО и на ОЈО и на финансиска полиција и на сите можни институции. Магарето замина сега удрија на самарот“, рече ексминистерот алудирајќи на избеганиот поранешен премиер Никола Груевски.
Јанакиески рече дека направил детален увид во предметот ТНТ и посочи дека има детален листинг од комуникацијата на Фијат Цаноски во периодот од април 2010 до август 2011.
„Многу е чудно, во тој период господинот Фијат Цаноски има интензивна комуникација со Никола Груевски. На пример, во еден ден од листинзите има 8 СМС-пораки, а СЈО има презентирано две. Или, во клучните денови, во листинзите има еден разговор, а го нема во доказите. Добро е господинот Фијат Цаноски да ни ја каже вистината, зашто имам многу сознанија, не сакам да шпекулирам: Кој бил мотивот и кој му дал налог да продолжи да гради спротивно на дозволата за градба? Дали имал ветување дека тоа ќе се реши? На крај на денот да си признае дека некој му рекол: ‘Гради диво, јас ќе ти го легализирам објектот'”, рече Јанакиески додавајќи дека не само за Груевски туку сака да праша и за односот на Цаноски со Мијалков.
За комплексот „Космос“, рече, не само во 2011 туку и сега е дивоградба.
Јанакиески ја бара Јанева за сведок
Груевски и Мијалков не се единствените кои ги спомена. Тој рече дека сака во дополнителна доказна постапка да ја повика да сведочи и Катица Јанева, а во неговото излагање праша и дали е точно дека еден човек на Бојан Јовановски му платил 750.000 евра, а не 250.000.
„Како е можно, фирма која лани имала вкупен приход од 12 милиони денари, во јануари да му исплати на Бојан Јовановски 15 милиони денари (околу 250.000 евра н.з.)? Како Катица Јанева со една реченица повлекува обвинителен акт прифатен од судот? Што е тоа, ако не е од лукративни причини?”, праша Јанакиески. Тој не спомнеа име и фирма, но според она што е веќе познато во јавноста, алудираше на Ардијан Амзоски, кој заедно со Цаноски се јавува како оштетен во ТНТ. Амзоски е и бизнисменот кој беше да сведочи кај обвинителката Вилма Русковска за случајот „Рекет“.
Јанакиески на крајот од одговорот на прашањето порача дека не може тој да е виновен само затоа што е прислушуван 24 часа, и тој и неговата жена.
„Не може Миле Јанакиески да е крив и затоа што кревал на телефон“, порача ексминистерот.
Сведочењето на Јанакиески е во тек. Во моментов е дадена пауза, по што тој ќе продолжи со исказот. Се очекува дека неговиот распит од страна на неговиот бранител ќе трае и до вечерните часови.
Покрај Јанакиески, во предметот ТНТ обвинети се уште шест лица, меѓу кои поранешниот премиер Никола Груевски, ексградоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски, и вработени во општината во периодот кога се градеше и рушеше „Космос“.
Сите, освен Груевски кому му се суди во отсуство, се пријавени да даваат своја одбрана осносно нивните бранители да им вршат распит.
Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.
Рочиште за предметот е закажано и за во понеделник.