Ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска до судот поднел барање Фијат Цаноски и Ардијан Амзоски да сведочат во случајот ТНТ за уривањето на комплексот „Космос“.
Но судот им го одби ова барање бидејќи двајцата присуствувале на рочиштата како оштетени и ги слушале другите сведоци.
„Фијат Цаноски контактирал со Груевски, тој ја знае вистината за овој случај“, рече Јанакиески објаснувајќи ги причините за поднесување на ваквото барање.
„Но, Груевски не е тука“, му рече судијата Огнен Ставрев кој е на чело на судечкиот совет кој го води овој предмет.
„За жал, го нема“, прокоментира Јанакиески.
Оваа дискусија се одвива во судницата додека се очекува да се изготват решенијата за назначување адвокати по службена должност за четворица обвинети кои денеска се појавија во судот без бранители.
Како што веќе објави „360 степени“, судот утрово ги казни со по 2.000 евра тројцата адвокати Боро Тасевски, Дончо Наков и Мерџан Даути поради отсуство за што судот смета дека е намерно, за да се одолговлекува постапката.
Во предметот ТНТ, меѓу обвинетите се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Според обвинението на СЈО, со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза. Случајот се наоѓа во доказна постапка, а застапник на обвинението е Бурим Рустеми од СЈО.