Јанакиески завршните зборови за „27 април“ ги заокружи со цитат од Заев. Коментираше и дека обвинението е фикција и го обвиниле затоа што „Миле е за сè крив“.
Дај Боже, рече Јанакиески коментирајќи ги СМС пораките со Крсто Муковски, тој да се качел во прес-салата во Собранието наместо да ги отворел вратите и немаше да се случат немилите настани
Цитирајќи изјава од премиерот Зоран Заев, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, ги заокружи неговите завршни зборови во случајот за организацијата на „27 април“ каде е обвинет за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Ексминистерот рече дека очекува ослободителна пресуда врз основа на сите докази кои биле изведени во текот на судскиот процес, а изјавата на Заев тој ја искористи како аргумент плус за да покаже дека и тој кој е од спротивниот политички табор и како премиер кој има пристап до безбедносни информации, смета дека ова не се вистинските организатори.
Од збор до збор, Јанакиески цитираше што кажал Заев во емисијата „Трилинг“ на ТВ 24 на 22 јануари 2021, откако претходно премиерот сведочејќи и во судница кажа дека смета оти ексминистерот не е меѓу организаторите.
Изјавата што ја цитираше Јанакиески гласи:
„Нема правда ако не ја зборувате вистина од почеток до крај. Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески и Спиро Ристоски ниту се ниту ќе бидат политичари. Што имам јас интерес да правам калкулации? Миле веројатно ќе биде осуден за некој предмет, 7-8 има, но за ова моја должност е да ја кажам вистината. Делото за кое се товари е над 10 години затвор и сега те прашуваат во суд и треба да дадеш исказ и треба да ја дадеш вистината. За мене политички ако ги осудат 15-20 години е аргумент плус, меѓутоа правда ли е ако знаеш нешто и не го кажеш тоа? Голем дел од организаторите се во затвор, Нинџи-Миниџи и сите што беа внатре што даваа инструкции. Правда не е само ако се водите кога ви одговара на вашата политичка гарнитура туку ќе се исправите пред суд и ќе кажете се она што го мислите за да може и на тој суд да му стане јасно, да носи мерливи податоци. Многу често нашата болка е: судиите гледаат да учинат на власта. Не бе, не треба да учинат на никој“.
Јанакиески на крајот од завршните зборови го прокоментира и денешното поднесување на обвинението за двокатните автобуси против него и уште четири други лица, што смета дека намерно е темпирано за денеска за да го дефокусира и да не ја каже вистина за 27 април.
„Јас сум единствен човек од 45 година наваму за кој во исто време се водат 8 кривични постапки. Ова ми беше напишано пред да влезам во оваа сала, но за жал денес, неколку минути обвинителството ми достави и 9-то обвинителен акт. Тоа јас го ценам како демонстрација на сила и една честитка за целосно да ме дефокусира и да ја кажам вистината за овој настан. Пет години се водеше таа истрага, денеска неколку минути пред да ги започнам завршните зборови се пушти соопштение дека е поведено обвинение“,
рече Јанакиески.
Претходно во завршните зборови рече дека тврдењето на обвинителството дека тој е еден од организаторите е само фикција на обвинителството.
„Затоа што е најлесно да се каже, па кој друг ако не Миле, Миле е за се крив“,
коментираше Јанакиески откако се осврна на повеќе докази и искази на сведочи што се слушнаа во текот на судењето.
Ексминистерот порача пред судот дека сведочењето на Александар Василевски – Нинџа, кој тврдеше дека го видел на осмиот кат во штабот на ВМРО-ДПМНЕ од каде се давале наредби, не треба да се земе предвид бидејќи станува збор за лажен исказ. Со Нинџа, рече Јанакиески, првпат бевме во иста просторија кога дојде да сведочи.
Од судот тој побара на вага да ги става од една страна исказот на Нинџа, а од друга сведочењата на Заев, поранешниот претседател Ѓорге Иванов, експремиерот Емил Димитриев, бројните пратеници итн., па да одлучи на кого ќе му поклони верба.
Тој зборуваше и за пораките кои обвинителката Вилма Русковска ги презентираше од мобилните телефони, меѓу кои тие за протестите со Елизабета Канческа-Милевска. Со неа, рече Јанакиески, последните пораки датираат еден месец пред да се случат настаните.
Исто така, ги прокоментира и пораките кои ги испратил на експратеникот Крсто Мукоски, кој критичниот ден ги отвори вратите од Собранието. Станува збор за две пораки од кои во една Јанакиески му пишува да застане пред тој што чита, а во другата му вели да се качат во прес-салата. Овие пораки, според неговото тврдење, не се дел од некое испланирано сценарио каде удел има и тој.
Дај Боже, рече Јанакиески, Крсто да се качел и немаше да се случат немилите настани.
„Ако ме послушал, Крсто Мукоски немаше да оди да ги отвори вратите и немаше да се случат настаните од 27 април. Ако јас му пратев порака да ги товари вратите, тогаш – да, сум бил дел од сценариото“,
рече Јанакиески кој покажуваше и фотографии од Собранието за да докаже дека експратеникот не постапувал по негови инструкции.
Мукоски, рече ексминистерот, не преземал никакви дејствија од тоа што го пишува во пораките.
„Тој со позитивно мислење од обвинителство беше амнестиран, а за мене се покрена обвинение, јас се бранам пред вас за насоки за кои никој не ме послушал и не ги спровел. Каков организатор сум јас?“,
праша Јанакиески.
Тој се бранеше и со пресудата која веќе е правосилна, а што ја напиша судијката Добрила Кацарска, во првиот предмет за „27 април“, со тоа што цитираше дека во неа пишува оти организатори на протестите се водачите на „За заедничка Македонија“ односно Борис Дамовски, Богдан Илиески, Игор Дурловски и Владо Јовановски.
„Од Миле и Спиро нема ни буква“,
рече Јанакиески кој претходно потсети и дека сведочеле и претседатели и членови на општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ кои кажале дека немале никаква комуникација со него.
Спиро Ристовски, кој исто така е поранешен министер во владата на ВМРО-ДПМНЕ, седи на обвинителна клупа во овој предмет. Своите завршни зборови Ристовски ги даде на минатото рочиште, а претходно тоа го направи и одбраната на поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски.
- Исказите на Нинџа за 27 април се контрадикторни, смета одбраната на Спиро Ристовски
- Спиро Ристовски: Немав комуникација со Груевски на критичниот 27 април
- Вељаноски: Обвинението за „27 април“ е поднесено брзоплето за да се покаже дека се најдени организаторите
Обвинителката Вилма Русковска прва даде завршни зборови.
Во моментов, во судот во тек се и завршните зборови на одбраната на поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Откако ќе заврши, судечкиот совет на чело со судијата Илија Трпков, треба да закаже рочиште за изрекување на пресудата.