Дали Шведска, земја-членка на ЕУ, згреши кога среде демократска стагнација во Македонија, пред 6 години реши да ја прекине донаторската соработка со земјава. Шведската агенција за меѓународна развојна соработка СИДА сега ја обновува помошта. Зошто – со директорката на агенцијата Карин Јамтин, која во Скопје го потпиша договорот за соработка, разговараше Зоран Јованоски.
Шведска, по неколкугодишна пауза, повторно се враќа во Македонија со значителна асистенција за спроведување на ЕУ-реформите. Зошто владата во Стокхолм реши пак да се врати како донатор и дали е тоа поврзано со развојот на политичката ситуација во земјава?
Владата на Шведска воочи можност во овој период од историјата на вашата земја Македонија, да одигра улога во поддршката на институционалните реформи, економска интеграција, но исто така и во други делови од вашиот развој. Да ја доближиме вашата земја до ЕУ. Ние силно го поддрживаме проширувањето на Европската унија. Ја сметаме оваа билатерална соработка како важен чекор. Но, сакам да потенцирам дека Шведска беше присутна низ сите овие години со нашата амбасада. Исто така, Македонија беше дел од нашата регионална соработка меѓу сите земји од Балканот.
Дали од денешна гледна точка мислите дека, ако се имаат предвид случувањата во земјава, како и назадувањето на демократскитре процеси, во 2012-та воопшто не требаше да се повлечете како билатерален донатор во Македонија особено зашто бевте активни во делот на институционални реформи и развој на граѓанското општество?
За промена, или поточно, за зајакнување на институциите е потребно време. Се разбира, понекогаш некој зажалува за некој одлука, но во тоа време кога била донесена одлука, сите гледавме дека Македонија оди во позитивна насока во зајакнувањето на институциите. Сега јас сум среќна што шведската влада одлучи да и се вратиме на билатералната соработка. Шведската Агенција за меѓународна развојна соработка може да го поддржи институционалниот развој во оваа фаза од приближувањето кон ЕУ. Секогаш е лесно да се погледне внатре и да се каже дека требало да се донесат поинакви одлуки. Но, во тоа време таква била одлуката донесена од владата и во тоа време била правилна одлука.
На што ќе се фокусирате во вашата програма во Македонија во периодот што следи и за каква помош станува збор?
Нашата главна цел е да ја приближиме Македонија до Европската унија. Како што кажав, ние сме силни поддрживачи на проширувањето на ЕУ. Се обидуваме да ги поддржиме земјите за да станат членки на ЕУ. Имаме три приоритети во билатералната соработка со Македонија. Еден е економска интеграција со ЕУ, тоа е составено од различни делови од соработката со Македонија. Друг дел е изградба на институции, поддршка и зајакнување на демократијата, човековите права, слободата на говор итн. Да се увериме дека сите Македонци, без разлика на пол или било што можат да бидат дел од општеството и да ги изнесат гледиштата и навистина да имаат право на свои гледишта. Третиот дел е животната средина. Поддршка за подобра околина, подобри климатски услови и поддршка за улогата на Македонија во борбата против климатските промени. Можеби ќе работиме и на проблемот со загадувањето на воздухот во големите градови. Значи, имаме три сфери: економска интеграција, човекови права и демократија и животна средина и климатски промени. Ова се јасни приоритети за нашата актуелна влада.
Напишете коментар