Јакимовски не дочека крајни официјални резултати од Државната изборна комисија, со оглед на тоа што според досега преброените, тој е последен од седумтемина
Првиот човек на ГРОМ и претседателски кандидат, Стевчо Јакимовски вечерва призна пораз и упати честитки до кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова за водството во првиот круг.
Тој воедно потенцира дека не е задоволен од резултатот и оти имал други очекувања.

„Јас ја одржувам оваа прес-конференција со цел да го признам поразот на овие претседателски избори, а воедно, да ѝ честитам на водство на госпоѓата Гордана Силјановска-Давкова и да ѝ посакам среќа во вториот изборен круг. Дали резултатите се задоволувачки? Според мене, нормално дека не се задоволувачки. Далеку се од очекувањата. Како и да е, битно беше дека граѓаните на Република Македонија имаа избор. Избираа меѓу седум свои кандидати. Дали биле во право за тоа што го избрале, ќе видиме после пет години. Се надевам дека сите ќе бидеме живи и здрави и после пет години ќе констатираме дали изборот бил добар или не“,
рече Јакимовски на прес-конференцијата.
Јакимовски не дочека крајни официјални резултати од Државната изборна комисија, со оглед на тоа што според досега преброените, тој е последен од седумтемина.
Според досега обработените 73,40% гласачки места, во водство е Гордана Силјановска-Давкова со 257 105 гласа, а за актуелниот претседател Стево Пендаровски гласале 125 825 граѓани. Зад него е Бујар Османи со 94 585 гласови, потоа Арбен Таравари со 67 604 гласови, Максим Димитриевски со 55 158 гласа, Билјана Ванковска Цветковска со освоени 29 164 гласа и Стевчо Јакимовски има 5 494 гласови.