Претседателот на ГРОМ, Стевче Јакимовски, ги чул шпекулациите дека поранешниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, подготвува формирање нова партија која би го апсорбирала членството и симпатизерите на СДСМ незадоволни од политичките потези на актуелното раководство. Сепак, тој смета дека станува збор за интерен договор на власта, бидејќи тој нов субјект би бил потпора за СДСМ при формирањето на идна влада. Јакимовски го обвини претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека активно учествува во реализацијата на тој договор.
„Се шушка, се зборува дека Црвенковски ќе формира партија. И таа работа е во договор со Мицкоски. Тие одржуваат тајни состаноци. Откако ја напуштив коалицијата, гласноговорници од ВМРО ме обвинуваа дека сум во договор со СДСМ. Не, нивниот претседател е во договор со Бранко Црвенковски, така што, дали ќе прават партија или не, јас тоа не можам да го знам, но мислам дека се чувствува дека ќе има партија од тој лев политички блок. Мислам дека тактиката е да се соберат сите незадоволници од СДСМ и тие да влезат во таа партија, за потоа, по изборите, тие пак да го подржат СДСМ. Тоа, според мене, е еден договор на власта во кој за жал учествува и лидерот на опозицијата“,
изјави Јакимовски во интервју за емисијата „Жешко политичко лето“ на ТВ Канал 5.
Тој се сомнева дека изјавата на Мицкоски дека ќе си замине од политиката доколку само еден од пратениците на ВМРО ДПМНЕ гласа за уставните измени е наменска, бидејќи според него, тој навистина има намера да се повлече.
„Негови досегашни постапки покажуваат дека тој не сака да дојде на власт. Тој практично под кумплунг ја држи опозицијата. Негова е изјавата дека е ова најслаба власт од 1945 до денес а тој петта година не може да ја урне најнеспособната власт во Македонија. Очигледно е дека на ваков начин тој сака да се повлече од политиката, а јас мислам дека има сериозни шанси некои од пратениците да гласаат за уставните измени и тоа да биде причина тој да си се повлече од политичката сцена. Со тоа, практично ја одиграл мисијата која што ја игра цело време, а е во договор со меѓународниот фактор, претходно со Заев а сега со Ковачевски и Црвенковски“,
вели Јакимовски.