Тој е уверен, како што рече, дека зад одлуката да биде ставен на „црната листа“ не стои цела американска политика, туку „само некои нејзини делови“
Јакимовски вели дека е изненаден од одлуката на САД и најави дека нема да се откаже од изборната трка, како и дека ќе поднесе кривична пријава против непознат сторител

Кандидатот за шеф на државата од ГРОМ, Стевчо Јакимовски најави дека ќе поднесе кривична пријава против непознат сторител откако денеска се најде на „црната листа“ на САД.
Јакимовски, кој вечерва одржа прес-конференција, рече дека е изненаден од одлуката на САД и најави дека нема да се откаже од изборната трка.
Според Јакимовски, ова може да се сфати како акт на насилство и како директно мешање во изборниот процес, што, како што рече, е казниво и кривично дело.
„Ова е мешање на странски разузнавачки служби во изборот на претседател на државата. Јавно кажувам дека ќе поднесам кривична пријава против н.н. сторител. Мора да се утврди кој од овде ја направи оваа нечесна работа“,
рече Јакимовски на прес-конференција пред Општина Карпош на која присуствуваа дел од членовите во партијата.
Јакимовски вели оти САД се стратешки партнер на земјава, „но, нашите интереси се едно, а нивните друго“.
„Ова е кукавички чин на оние што го губат тлото под нозете, а помош не можат да добијат од граѓаните, па бараат американска поддршка“,
рече Јакимовски.
Тој себе си се опиша како единствен кандидат што вели дека членството во НАТО било скапо платено и дека треба да се искористи за проблемите на земјата дури и со користење на ветото.Исто така, рече дека бил и единствениот што велел дека ако земјата не стане членка на ЕУ до 2030 година треба да им се каже на граѓаните што понатаму.
„Јас сум единствениот кандидат што не е поддржан од Сорос, а граѓаните треба да одлучат дали Сорос ќе ни бира претседател на државата. Од изборната кампања ни случајно нема да се откажам. Ова е само доказ дека моите политики се исправни и дополнителен мотив да продолжам понатаму“,
додаде Јакимовски.
Тој е уверен, како што рече, дека зад одлуката да биде ставен на „црната листа“ не стои цела американска политика, туку „само некои нејзини делови“.
„Како да не бидам изненаден од одлуката, кога на 4 јули бев поканет од Американската амбасада и стриктно ми беше кажано дека листата е максимално редуцирана и се одеше строго по листа за на Денот на американската државност да не бидат присутни некои што тие не сакаат – криминалци или други несакани лица“,
рече Јакимовски.
Како претседателски кандидат на ГРОМ, Јакимовски денеска во ДИК ги предаде собраните 11 468 потписи за претседателски кандидат на претстојните избори. Тој упати благодарност до граѓаните кои ја потврдија неговата кандидатура за претседател и ги повика на претседателските избори да ја дадат својата поддршка за влез во вториот круг.
„Црната листа“ на САД денеска се прошири со имињата на Стевчо Јакимовски и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.
Во извештајот се вели дека постапките на Јанева и Јакимовски ги поткопале владеењето на правото и вербата на јавноста во демократските институции и јавните процеси во земјата.
Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер во изјава што на својот фејсбук-профил ја пренесе амбасадата вели дека САД ќе продолжат да ги именуваат официјалните лица од која било партија, структура на власта, или заедница, коишто се вмешани во значителна корупција.