Од Кривичен рекоа дека судот смета дека во овој момент се уште постојат околности кои укажуваат дека може да ја попречи истрагата со влијание на сведоците, како и дека може да ги сокрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело, од причина што истражната постапка се уште е во тек и се уште се преземаат други истражни дејствија за прибирање докази

Основниот кривичен суд го одбил како неоснован предлогот на сопственикот на компанијата „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски да му биде заменет притворот со гаранција во недвижен имот со проценета вредност од 60 672 235 денари, односно 986 191 евра.
„Кривичниот совет на одделението за гонење организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на А.Ј., осомничен за перење пари и други приноси од казниво дело, поднесен преку неговиот бранител, за замена на мерката притвор со гаранција, по одржана седница и извршен увид во целокупните списи на предметот, донесе решение со кое предлогот на осомничениот се одбива како неоснован“, информираа попладнево од Кривичен суд.
Од Кривичен велат дека судот, ценејќи ги сите околности поврзани со истрагата, и покрај даденото позитивно мислење на Јавниот обвинител, смета дека во овој момент се уште постојат околностите за постоење на определената мерка притвор.
Од судот сметаат дека се уште постојат околности дека Јахоски може да ја попречи истрагата со влијание на сведоците, како и дека може да ги сокрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело, од причина што истражната постапка се уште е во тек и се уште се преземаат други истражни дејствија за прибирање докази.
„Ова дотолку повеќе што Кривичниот совет го продолжил притворот на осомничениот по доставен предлог на ОЈО ГОКК од 08.04.2025 година токму поради постоење на причините предвидени во чл. 165 став 1 од ЗКП“,
се вели во информацијата од Кривичен суд.
Оттаму додаваат дека против ова решение странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје во рок од три дена од приемот на истото.
Претходно, сопственикот на компанијата „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, преку својот адвокат, предложи замена на мерката притвор која му е одредена во рамки на истрагата за набавка на мазут во ТЕЦ „Неготино“ за мерка гаранција во недвижен имот со проценета вредност од 60 672 235 денари, односно 986 191 евра.
Од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), кое го води предметот, денеска соопштија дека предлогот на осомничениот може да биде основан само ако тој во исто време на посебна сметка на судот дополнително депонира износ од 72 000 000 денари (1 170 318 евра).
Дополнително, Обвинителството побара Основниот кривичен суд на Јахоски да му одреди мерки на претпазливост кои вклучуваат забрана за напуштање на живеалиштето, привремено одземање на патна или друга исправа за напуштање на државата и повремено јавување кај службено лице или надлежен државен орган.
Инаку, за кривичното дело перење пари кое му се става на товар на сопственикот на „Пуцко петрол“, мерката притвор може да биде продолжена само за уште 30 дена, по што тој, согласно законските одредби, би бил пуштен да се брани од слобода.