Станува збор за најголемата гринфилд-инвестиција од осамостојувањето на нашата земја, вредна 205 милиони евра и нови над 3 900 работни места, вели премиерот Ковачевски. Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Јован Деспотовски, пак, посочи дека процесот на преговори не бил воопшто лесен и во конкуренција биле многу земји, меѓу кои Хрватска и Србија. Со оваа инвестиција, рече тој, стануваме дел од мапата земји кои обезбедуваат витални компоненти за производители како „Тесла“ и „Епл“
Тајванската компанија „Јагео“ и официјално влегува во Северна Македонија. Денеска во Тајван беше потпишан договор за инвестиција вредна 205 милиони евра која треба да отвори околу 4 000 работни места во земјава. Компанијата ќе отвори производствени погони во ТИРЗ Скопје 1 и во ТИРЗ Штип, а како што беше најавено денеска, изградбата на првиот погон ќе почне во јули годинава во скопската индустриска зона за што генерално ќе бидат ангажирани локални фирми.
„Јагео“ ќе произведува резервни делови за автомобилската индустрија и за т.н. зелена енергија. Оваа фирма ќе произведува и делови за „Тесла“ и за „Епл“.
Договорот за инвестицијата денеска во Тајван го потпишаа менаџментот на „Јагео“ и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски.
Преговорите за инвестицијата траеле речиси една година, а земјава е избрана како најдобра во „трката“ со останатите од регионот и пошироко.
„Со Северна Македонија имаме одлично искуство. Сепак, две работи беа клучни зошто ја одбравме за нашата инвестиција: увидовме дека е стабилна, со квалификувана работна сила, а и Владата беше максимално посветена и имаше исклучително позитивен однос кон нас. Тоа можеби беше и пресудно. Ни излегуваше секогаш во пресрет и тука беше за секој наш проблем“,
потенцира извршниот директор на „Јагео“, Дејвид Ванг, јави дописникот на МИА од Тајван.
Андреа Мејер, главен во оперативниот сегмент, напомена дека оваа досега најголема гринфилд-инвестиција во Северна Македонија нема да значи вложување само во пари, бизнис и профит, туку и вложување во човечки капитал.
„Наши приоритети се воведување нова технологија и јакнење на кадарот, овозможување вработените да стекнат нови вештини и да се усовршат“,
подвлече Мејер.
Според директорот Деспотовски, денешното потпишување на Договорот е потврда дека со знаење, желба и истрајност можеме да оствариме големи резултати.
„Процесот не беше воопшто лесен. Во конкуренција беа многу земји, меѓу кои Хрватска и Србија. Но, ние успеавме во таа трка и ние сме денеска тука, на оваа маса, да потпишеме договор. Со оваа инвестиција стануваме дел од мапата земји кои обезбедуваат витални компоненти за производители како ’Тесла‘ и ’Епл‘“,
рече Деспотовски.
Според него, компаниите во зоните вработуваат близу 17 000 лица, а влезот на „Јагео“ ќе значи 30 отсто плус работна сила од оваа бројка.
Церемонијата на потпишувањето се одржа во седиштето на „Јагео“, а честитки за инвестицијата упати и премиерот Ковачевски преку видеообраќање.
„Станува збор за најголемата гринфилд-инвестиција од осамостојувањето на нашата земја, вредна 205 милиони евра и нови над 3 900 работни места. ’Јагео‘ е водечка мултинационална компанија за производство на електронски компоненти, која има силно глобално присуство и свои производствени и продажни капацитети во Азија, Европа и Америка со 40 000 вработени ширум светот. Електронските компоненти кои ги произведува и кои се еден од светските најдобри производители за чип-отпорници и тантал-кондензатори, се користат за авионската и автомобилска индустрија, 5G и телекомуникациите, медицината, управувањето со енергија, зелена енергија“,
рече Ковачевски.
По денешното потпишување на договорот, делегацијата што во Тајван ја предводи Деспотовски утре ќе има можност да ја посети фабриката на „Јагео“ во Каошунг.