Заедно со обвинението, Обвинителството до Основниот кривичен суд Скопје доставило и предлог за продолжување на мерката притвор

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднесе обвинение за телесна повреда против обезбедувачот на премиерот Христијан Мицкоски, кој беше пријавен за семејно насилство врз својата сопруга.
Според обвинителниот предлог, обвинетиот, кој е лице со полициски овластувања, по вербална расправија во семејниот дом, физички ја нападнал својата сопруга. Нападот се случил пред нивната малолетна ќерка, при што обвинетиот ја удирал жртвата по лицето и главата, а потоа се обидел и да ја дави фаќајќи ја за вратот.
Од ударите жената добила телесни повреди и имала психичка вознемиреност.
Според наводите од ОЈО ГОКК, за да се спаси од нападите, жената успеала да се засолни во тоалетот. Кога се обидела да го напушти домот заедно со детето, обвинетиот ѝ го одзел и оштетил мобилниот телефон. Потоа заедно со ќерката помош побарале кај сосетка, која ги примила во својот дом.
Заедно со обвинението, Обвинителството до Основниот кривичен суд Скопје доставило и предлог за продолжување на мерката притвор. Обвинител смета дека постојат околности што укажуваат на опасност од бегство и недостапност на органите на прогонот, ризик од повторување на делото, со оглед на тоа што обвинетиот живее во заеднички дом со оштетената и нивната малолетна ќерка, пред чии очи било извршено насилството.
За случајот неделава информираа и од Министерството за внатрешни работи од каде рекоа дека настанот се случил на 2 мај, околу 23 часот, кога 37-годишна жена пријавила дека била физички нападната во семејниот дом, каде што ѝ биле упатувани и закани од лицето Р.Р. кој е дел од обезбедувањето на премиерот.
Мицкоски во вторникот ја потврди информацијата велејќи дека лицето е дел од претходницата која не ја гледа често, додавајќи дека сопругата на напаѓачот е ќерка на негов колега од факултет.
