Присуството на израелски тенкови на преминот Рафах утрово го потврдил и портпаролот на граничната управа на Газа, а претставници на службите за помош на територијата соопштиле дека протокот на помош преку преминот е запрен, пренесува британски „Гардијан“
Израелските сили ја презедоа контролата врз палестинската страна на преминот Рафах меѓу Појасот Газа и Египет, кој е клучна стратешка точка и единствената порта за влез на хуманитарна помош во Појасот, соопштија утрово израелски воени претставници, пренесуваат светските агенција.

Инаку, Израел подолг период најавува копнена операција врз градот Рафах во рамките на војната со Хамас во Газа, но нејзиното спроведување не доби отворена поддршка од Соединетите Американски Држави (САД), кои бараат од Израел првин да ја осигура хуманитарната помош за жителите на Појасот.
Вчера израелската армија им нареди на Палестинците што живеат во населбите во источниот дел од Рафах, во близина на границата со Израел, да се евакуираат од областа пред планираната воена операција во градот.
„Во моментов имаме оперативна контрола на страната Газа на преминот Рафах и имаме специјални сили кои го скенираат преминот… Тоа се случува во наредните часови. Операцијата не е завршена… Не можам да дадам временска рамка“,
ја пренесува Ројтерс изјавата на претставник на израелската војска.
Присуството на израелски тенкови на преминот Рафах утрово го потврдил и портпаролот на граничната управа на Газа, а претставници на службите за помош на територијата соопштиле дека протокот на помош преку преминот е запрен, пренесува британски „Гардијан“.
Израелската операција доаѓа во пресрет на новата рунда преговори за прекин на огнот кои се водат во Каиро по најавата на лидерите на Хамас од вчера вечер дека ќе го прифатат неодамнешниот предлог за договор доставен од страна на Египет и Катар кои посредуваат во преговорите. Израелските власти велат дека ќе испратат делегација на понатамошни разговори иако, според нив, понудениот предлог не ги исполнува нивните основни барања.
Катарската телевизија Ал Џезеира објави дека добила копија од последниот предлог за прекин на огнот кој е прифатлив за Хамас. Некои од деталите вклучуваат дека Хамас во првата фаза треба да ослободи „33 израелски заробеници (живи или мртви), вклучувајќи жени (цивили и војници), деца (на возраст под 19 години кои не се војници), оние на возраст над 50 години и болни“.
Во предлогот, според телевизијата, исто така, се наведува дека Хамас ќе ги ослободи сите живи живи израелски војници од женски пол кои ги држи како заробеници, во замена за затвореници што ги држи Израел.
Во втората, од вкупно три фази предвидени со предложеното примирје, е предвидено целосно повлекување на на израелските сили од Појасот Газа.
Хамас вчера соопшти дека водачот на милитантната група, Исмаил Ханије ги информирал катарските и египетските посредници дека групата го прифатила нивниот предлог за прекин на огнот, што предизвика првични прослави од палестинските цивили во Газа.

Сепак, од кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопштија дека предлогот за примирје не ги исполнува барањата на Израел и дека неговиот воен кабинет одобрил продолжување на операцијата во Рафах. Канцеларијата на Нетанјаху соопшти дека Израел сепак ќе испрати делегација да се состане со преговарачите во обидите за постигнување на договор. Министерството за надворешни работи на Катар соопшти дека нивна делегација заминува во Каиро за преговорите закажани за денеска.