Израелската војска го префрла фокусот на својата офанзива кон јужниот дел на Газа, трет ден по прекин на примирјето и обновените борби. Војската, како што пренесе Би-би-си, е насочена кон командните центри на Хамас, складиштето за оружје и поморските сили.
Според медиумот, главниот сојузник на Израел, САД, повика на посилна акција за да се избегнат цивилни жртви во Газа. Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин порачал дека Израел има „морална одговорност“ да ги заштити цивилите.
„Ако ги турнете во прегратките на непријателот, тактичката победа ќе ја замените со стратешки пораз“,
рече Остин.

Остин нагласил дека САД ќе застанат на страната на својот најблизок пријател во светот, истовремено велејќи дека ги притиснал израелските власти драматично да го прошират пристапот на Газа до хуманитарна помош.
И американската потпретседателка Камала Харис претходно рече дека премногу невини Палестинци се убиени и ги опиша размерите на страдањата како погубни.
Пред десестина дена беше постигнато примирје со цел да се ослободат повеќе заложници, но и за да се направи поголем проток за хуманитарна помош во Газа.
Во петокот привременото примирје беше прекинато, по што нападите продолжија.
Војната започна на 7 октомври по нападот на Хамас врз Израел кога загинаа 1.200 луѓе, а околу 240 други беа земени како заложници. Оттогаш, Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас, вели дека повеќе од 15.000 луѓе биле убиени во одмаздничката кампања на Израел, вклучително и околу 6.000 деца.