Потегот уследи откако произраелското набљудувачко тело „Онест рипортинг“ (Honest Reporting) во средата објави извештај во кој се гледа дека фоторепортерите кои ги користеле Асошиејтед прес (АП), Ројтерс, „Њујорк тајмс“ и Си-ен-ен објавиле фотографии направени за време на нападот
Израел побара од меѓународните медиуми да ги објаснат околностите под кои нивните фотографи биле присутни на местото на ненадејниот напад на терористичката група Хамас во јужен Израел на 7 октомври и предупреди дека тие може да се сметаат за соучесници во злосторствата.
Потегот уследи откако произраелското набљудувачко тело „Онест рипортинг“ (Honest Reporting) во средата објави извештај во кој се гледа дека фоторепортерите кои ги користеле Асошиејтед прес (АП), Ројтерс, „Њујорк тајмс“ и Си-ен-ен објавиле фотографии направени за време на нападот.
Ова покрена сомнеж дека фотографите можеби однапред знаеле за нападот, а се постави и прашањето за нивната поврзаност со Хамас, пишува „Тајмс оф Израел“. АП, Ројтерс и „Њујорк тајмс“ негираа дека имале какво било претходно знаење за нападот и повторија дека нивната улога била да покриваат ударни вести.
Испратено итно писмо до раководителите на медиумите
Си-ен-ен информира дека ја прекинале врската со еден од фотографите наведени во извештајот, иако немале причина да се сомневаат во „новинарската точност“ на неговата работа. Израелскиот Национален информациски систем изјави дека „многу сериозно го сфаќа феноменот на меѓународни медиумски соработници кои им се придружуваат на напаѓачите за да ги покријат бруталните масакри извршени од терористите на Хамас“.
Соопштено е дека Канцеларијата за медиуми „издала итно писмо до раководителите на медиумите каде што се вработени овие фотографи и побарало појаснување за случајот“.
„Овие луѓе од медиумите се соучесници во злосторства против човештвото. Ова е кршење на правилата на професионалната етика. Националниот информациски систем бара итна акција“,
се вели во соопштението.
Министерот за комуникации Шломо Кархи, исто така, испрати писмо до „Њујорк тајмс“ во кое тврди дека фотографите и другите во весникот имале претходно знаење за нападот и го повика весникот да го истражи тоа.
„Ви пишувам со длабока загриженост во врска со неодамнешните извештаи за наводната вмешаност на вашите вработени во трагичните настани во јужен Израел. Забележавме дека одредени поединци во вашата организација, вклучително и фотографи и други, имале претходно знаење за овие ужасни дејствија и можеби одржувале загрижувачки односи со сторителите. Итно барам темелна истрага за оваа работа. Тежината на ситуацијата бара брз и темелен одговор“,
навел тој во писмото.
„Њујорк тајмс“ ги негираше обвинувањата
„Њујорк тајмс“ ги отфрли обвинувањата, посочувајќи дека во случајот со нивниот фотограф Јусеф Масуд, инсинуациите не биле докажани. Тие објавија и дека Масуд не работел за весникот на денот на самиот напад.
„Нашиот преглед на неговата работа покажува дека тој го правел она што фоторепортерите секогаш го прават за време на големите вести, документирајќи ја трагедијата како што се одвивала“,
објаснуваат тие.
Министерот Бени Ганц, член на воениот кабинет формиран да го надгледува конфликтот, се огласи на социјалната мрежа Икс.
„Новинарите за кои беше откриено дека знаеле за масакрот – а сепак избрале да стојат настрана како невработени минувачи додека се колеле децата ~ не се разликуваат од терористите и треба да се третираат како такви“,
напиша тој.
Контроверзна фотографија на фоторепортер и лидер на Хамас
Во својот извештај, „Онест рипортинг“ прашува:
„Дали е замисливо да се претпостави дека ‘новинарите’ се појавиле рано наутро на границата без претходна координација со терористите? Некои од злосторствата беа снимени од фоторепортери од Газа кои работат за новинските агенции Асошиејтед прес и Ројтерс чие присуство во раните утрински часови на пробиената граница покренува сериозни етички прашања“.
Веб-страницата наведува четворица фоторепортери чии имиња се појавуваат на сликите на Асошиејтед прес од граничната област Израел–Газа на денот на нападот: Хасан Еслајах, Јусеф Масуд, Али Махмуд и Хатем Али. Еслајах, наводно, ја преминал границата со Израел и снимил запален тенк на ИДФ.
Тој ги фотографирал и напаѓачите како влегуваат во кибуц Кфар Аз, каде што биле масакрирани десетици цивили. Во извештајот се вели дека Еслајах бил виден пред тенкот, но не носел новинарски елек кој би го идентификувал како член на медиумите. На интернет се појави и фотографија на која се гледа како лидерот на Хамас во Газа, Јахја Синвар, го бакнува Еслајах. Не е јасно кога е направена фотографијата, но се чини дека е направена пред нападот на 7 октомври.
And here is footage of Eslaiah after he crossed into Israel and took photos of a burning Israeli tank. He then captured infiltrators entering Kibbutz Kfar Azza.
— HonestReporting (@HonestReporting) November 8, 2023
Note that he is not identifiable as a member of the press. But AP & CNN deemed it acceptable to use his services. pic.twitter.com/fA0VI2df2i